Неверојатен случај: Жена се вратила 31 година по исчезнувањето

Точка

24/12/2025

22:21

679

Големина на фонт

а а а

Петра Пазситка, поранешна студентка по информатика во Брауншвајг, Германија, исчезнала во 1984 година од студентски дом и цели 31 година била надвор од очите на јавноста. Со години нејзиното исчезнување било мистерија, полицијата трагала по неа, а во меѓувреме дури била и прогласена за мртва.

Пазситка преживеала под псевдонимот Сузане Шнајдер. Во интервју за „RTL“ изјавила дека се трудела што помалку да се истакнува – не одела на лекар, киријата ја плаќала во готово, а наместо автомобил користела трамвај. За живот заработувала со подучување, чистење и повремени работи.

Сè се променило во септември 2015 година, кога во нејзиниот стан во Диселдорф било извршено провалување. Полицијата побарала личен документ за идентификација, а бидејќи немала лажни документи, таа го признала својот вистински идентитет. ДНК-тестот ја потврдил нејзината приказна.


„Можев и без овој ден. Не, тоа не беше убав ден“, се присетува денес 66-годишната Пазситка, но додава дека „е добро што ја пронашле“.

Приказната е особено шокантан затоа што успеала да исчезне цели 31 година. Полицијата во еден период се сомневала и во кривично дело, а еден маж дури признал дека ја убил Пазситка, иако подоцна било утврдено дека тоа е невозможно.


Причините поради кои Петра го напуштила својот стар живот и целосно се повлекла сè уште не се целосно јасни. Таа навела дека можеби причината била болест – на 24-годишна возраст се лекувала од рак на грлото на матката, што силно влијаело врз неа.

И односите со семејството биле проблематични.


„Во семејството не се чувствував безбедно. Немаше прегратки, ниту зборови како „ти го можеш тоа“. Се чувствував напуштено“, изјавила Пазситка.

Како што минувале годините, криењето станувало сè потешко: „Требаше да имаш сметка за уплати или да покажеш лична карта“. Денес на своето долгогодишно исчезнување гледа критички и признава дека можеби било поедноставно само да му каже на семејството дека повеќе не сака контакт.