До самиот крај, кога имаше 87 години и тело разорено од рак, остана достоинствена исто како и кога за првпат се појави на една од елитните забави на Менхетен.
Браковите на Лили Сафра ѝ донесоа милијарди, социјален статус и прекар од кој никогаш не успеа да се ослободи – „Позлатената Лили“.
Но, една работа внимателно ја зачува и ја однесе со себе во гроб: вистината за нејзиниот четврти сопруг, чија смрт во монегашкиот пентхаус до ден-денес не е разјаснета. Таа мистерија и по речиси 23 години од немилиот настан продолжува да ги мачи наследниците, пријателите и семејството, пишува „Daily Mail“.
Кога Едмонд Сафра почина од чад предизвикан од пожар што избувна во пентхаусот во Монако на 3 декември 1999 година – и тоа во таканаречената „паник-соба“ во која се обидел да се засолни и спаси – тој важеше за еден од најбогатите приватни банкари во светот. Како резултат на неговата смрт, неговата вдовица, блиска пријателка на принцот Чарлс, стана една од најбогатите жени на планетата, со богатство проценето на 3 милијарди фунти.

Три години подоцна, американски војник кој работел како медицински помошник на господинот Сафра беше осуден дека тој го подметнал пожарот – но не со намера да го убие богаташот, туку да го спаси и на тој начин да ја добие неговата доверба. Но, огнот се проширил, а ситуацијата излегла од контрола.
Гласините продолжија да кружат за тоа што навистина се случило во станот на богаташот тој кобен декември. Либанскиот банкар повремено престојувал во станот со 20 соби, бил суеверен, носел амајлии и насекаде – па дури и на регистарските таблички – го користел исклучиво бројот EJS 555.

Според теоретичарите на заговор, среќата што го следела поголемиот дел од животот во еден момент се свртела против него. Причината, велат тие, била тоа што преку своите бизниси секојдневно создавал сè повеќе непријатели. Овие теории сугерираат дека за неговата смрт е одговорна руската мафија, колумбиски картел или дури јапонски бизнисмени кои наводно ги измамил при склучување деловен договор.
Неговата пребогата вдовица, Лили Сафра, чиј живот веќе бил одбележан со трагедии, сфатила дека не може да побегне од гласините кои сè повеќе земале замав.
Се зборувало дека само неколку недели пред пожарот таа ги зела телохранителите на својот сопруг и ги испратила на друг имот во Франција. Видео-снимките од безбедносните камери, исто така, исчезнале.

А тоа не бил ниту единствениот нејзин сопруг кој починал под неразјаснети околности.
Кога нејзиниот втор сопруг, Фреди Монтеверде, извршил самоубиство во 1969 година, во извештаите било наведено дека наводно успеал дури двапати да се погоди во срцето. Исто така, во записите стои дека детективите изгубиле два клучни докази: пиштолот и куршумот.
Подоцна било обелоденето дека само два месеца пред смртта, Сафра го изменил својот тестамент, со кој ги исфрлил своите двајца браќа од наследството и целото свое богатство и одлуки ги ставил во рацете на сопругата Лили. Неговите три сестри пред суд во Женева тврделе дека вдовицата им забранила да им се исплатат по 14 милиони фунти, иако тоа било наведено во изменетиот тестамент.

Иако сето ова претставува одлична подлога за сценарио за серија или филм, доказите недостасувале на секој чекор. Иако постои сомнеж дека Лили била вмешана во смртта на својот последен сопруг, никој не успеал да пронајде мотив или објаснување зошто би ангажирала медицински помошник да подметне пожар и како можела да предвиди дека противпожарната служба нема да пристигне навреме. Ако тоа навистина била нејзина намера, можела да осмисли далеку поедноставно и побезбедно сценарио.
Лили Сафра никогаш не дала интервју – ниту на оваа, ниту на која било друга тема поврзана со нејзиниот живот.
По трагедијата се преселила во Лондон, каде што уживала во своето богатство, но и во учеството во бројни хуманитарни акции, најчесто под покровителство на принцот Чарлс, нејзин многу близок пријател.

Старите навики тешко се менуваат
Лили Сафра купила раскошна вила во Белгравија, која ја заштитила со најсовремени безбедносни системи.
Ќерка на шкотски железнички инженер кој емигрирал во Бразил за да заработи за време на експанзијата на јужноамериканската железничка изградба, Лили го запознала Сафра кога во друштво го слушнала неговиот совет како да инвестира 200 милиони фунти што ги наследила од својот втор сопруг.
Се венчале во 1976 година на гламурозна свадба, на која меѓу гостите бил кремот на високото општество, меѓу кои и Роналд и Ненси Реган, како и Ага Кан. Во раните осумдесетти години од минатиот век се преселиле во Њујорк, каде станале едни од најважните социјални фигури на Менхетен, поминувајќи време во друштво на Аристотел Оназис, балетанот Михаил Баришников и Френк Синатра.

Со спојот на витка фигура, совршена нијанса на руса коса, облека со потпис на најпрестижните модни куќи на високата мода и дијамантски накит, Лили стана олицетворение на њујоршката аристократија. Беше позната по организирањето забави, но и по својот хуманитарен ангажман.
Беше исклучително дарежлива. Еднаш на сите свои пријателки им испратила чевли „Manolo Blahnik“. Во меѓувреме, парот купувал и луксузни недвижности во Белгравија, Јужна Франција, Париз и Монте Карло.
Џон Ферчајлд, издавач на популарните модни магазини „W“ и „Women’s Wear Daily“, за Лили напишал: „Метеорски раст на социјалната моќ: Тие ја освоија Ривиерата… Њујорк, Метрополитен музеј, операта, Женева – сè тоа во период од само пет години. Што е следно?“.
Кога сè ќе се собере, се чини дека имале среќен брак. Иако исклучително успешен и ценет, и денес постои сомнеж дека Едмонд Сафра своето богатство го стекнал преку злато, дрога и перење пари.















