Следењето на Дедо Мраз на неговото патување низ светот стана омилена празнична традиција, но годинава предизвика и момент на паника. Имено, популарната апликација „Flight Radar“ прикажа сцена која на многумина им ја замрзна крвта во вените – Дедо Мраз и неговите ирваси наизглед се нашле на траекторија на судир со патнички авион.
Патот околу светот во полн ек
Дедо Мраз со своите верни ирваси тргна од Северниот Пол и веќе заврши голем дел од работата. Откако ги израдува децата во Нов Зеланд, го прелета Тасмановото Море и подели подароци на најмладите низ цела Австралија, од Мелбурн и Сиднеј до западниот брег. Неговото патување продолжи кон север, преку Јапонија, Тајван, Филипините и Индонезија, а планот е да го обиколи и остатокот од Азија пред да се упати кон Русија и Европа.
Драма на небото
Сцената од „Flight Radar“, глобалната платформа за следење летови, загрижи многумина. На социјалните мрежи почна да кружи снимка од екранот која прикажува како санките на Дедо Мраз летаат директно кон друг авион. Корисниците веднаш реагираа.
Еден корисник, кој ја забележал застрашувачката сцена, напиша на „X“:
„Дедо, немој да се судриш со авионот ANA217 – @flightradar24, дали го гледате ова?“
Друг додаде: „Лошо му се пишува, леле“, а трет коментираше: „Авиокатастрофа од празнични размери.“

Среќен крај
За среќа, немаше причина за паника. Наскоро се огласи и самиот „Flight Radar“ за да ги смири загрижените следбеници. Објаснија дека авионот за кој станува збор – „Boeing“ 787-8 „Dreamliner“ на компанијата „Nippon Airways“ на лет од Токио кон Минхен – летал на значително пониска височина, околу 11.880 метри. Дедо Мраз и неговите ирваси безбедно се движеле на висина од дури 18.290 метри, повеќе од 6.100 метри над патничкиот авион.
Изгледа дека сите можеме да здивнеме – испораката на подароците продолжува според планот.
Инаку, Дедо Мраз можете да го следите и тука.







