[ФОТО/ВИДЕО] Германка стана првата параплегичарка што одлетала во вселената со „Блу Ориџин“ на Безос

Точка

21/12/2025

13:01

361

Големина на фонт

а а а

Германската инженерка Михаела Бентхаус стана првата личност во инвалидска количка што одлетала во вселената.

Бентаус, која претрпела повреда на ’рбетниот мозок во несреќа со велосипед пред седум години, преку интернет контактирала со пензиониран инженер од вселенската индустрија за да види дали нејзините астронаутски амбиции се сè уште можни.

Со негова помош, историскиот 10-минутен лет бил организиран од „Блу Ориџин“, компанијата основана од Џеф Безос.


Бентаус и уште петмина лица полетале од Тексас во саботата и стигнале до точка над таканаречената „граница“ на вселената, позната како Карманова линија.

„Тоа беше неверојатно искуство!“, рекла таа по враќањето, во видео споделено од „Блу Ориџин“. „Ми се допадна не само погледот и микрогравитацијата, туку и самото искачување. Секоја фаза од искачувањето беше фантастична“, додала таа.

Вселенското летало „New Shepard“, повеќекратната суборбиталната ракета на Блу Ориџин, полетала од лансирна рампа во Тексас во 14:15 часот по ГМТ.


Бентаус, која работи во Европската вселенска агенција, рекла дека по несреќата „навистина сфатила колку нашиот свет и понатаму не е приспособен кон лицата со попреченост“.

Таа влегла во капсулата од сопствената инвалидска количка користејќи клупа што се протегала од отворот на капсулата. Пензионираниот менаџер на „SpaceX“, Ханс Кенигсман, кој помогнал во организирањето на летот, летал заедно со неа и бил обучен да пружи помош доколку е потребно. 

„Првпат го запознав Ханс преку интернет. Само го прашав, знаете, долго време работевте за SpaceX, дали мислите дека луѓе како мене можат да станат астронаути?“, раскажала Бентхаус.


Кенигсман рекол дека Михаела го инспирирала: „Нејзиниот ентузијазам ме убеди дека и јас треба да го доживеам тоа – нешто што го набљудував однадвор долго време“.

„Блу Ориџин“ објави дека дополнителната опрема на земјата ѝ овозможила на Михаела полесно да влегува и излегува од капсулата.

„Летот на Мичи (Михаела) е особено значаен затоа што покажува дека вселената е за сите, а ние сме горди што ѝ помогнавме да го оствари овој сон“, изјавил Фил Џојс, виш потпретседател на „New Shepard“ програмата.

Цената на мисијата, која е 16-ти суборбитален вселенски туристички лет на „Блу Ориџин“, не е објавена. Компанијата веќе однесе десетици туристи во вселената, вклучувајќи познати личности како Кејти Пери, Лорен Санчез и Гејл Кинг.