Колку и да беше тешка изминатата година, тој верува дека нема да се вратиме во „мрачен период“.
Светот во кој живееме во последните години тргнал во погрешна насока, предупреди во своето редовно годишно писмо Бил Гејтс, коосновач на „Microsoft“ и „Gates Foundation“. Иако и понатаму е оптимист во однос на иднината и верува дека светот ќе продолжи да напредува, тој нагласи дека денес тоа е многу потешко да се согледа отколку во изминатите години.
Како главна причина зошто смета дека светот тоне кон негативно сценарио, Гејтс издвои еден податок што се влошил првпат по 25 години. Имено, во текот на изминатите четврт век бројот на смртни случаи кај деца помлади од пет години постојано опаѓал, но во 2025 година дошло до загрижувачки пресврт. Бројот на смртни случаи кај деца под пет години се зголемил – од 4,6 милиони во 2024 година на 4,8 милиони минатата година.
Како причина за тоа, тој го наведе намалувањето на поддршката и финансиските средства што богатите земји им ги обезбедуваат на сиромашните држави.

На тоа предупредуваше и претходно
Тој уште порано, во текот на минатата година, предупредуваше дека токму ова ќе се случи, кога администрацијата на Трамп, вклучително и „DOGE“, во кој значајно беше вклучен и Илон Маск, започна со кратење на трошоците, меѓу кои и укинување на бројни договори за помош на други земји. Тогаш Гејтс предупреди дека таквите потези директно ќе доведат до зголемување на детската смртност, по што Илон Маск од него побара докази.
Според податоците на „Institute for Health Metrics and Evaluation“, доколку здравствената помош се намали за 20 отсто во однос на 2024 година, бројот на смртни случаи кај деца до 2045 година ќе се зголеми за дополнителни 12,5 милиони.

Сепак, потенцијално решение постои, и токму во него лежи оптимизмот на Гејтс:
„И понатаму сум оптимист затоа што гледам што ќе донесе иновацијата забрзана од вештачката интелигенција.“ Тој објасни дека, колку и да беше тешка изминатата година, верува дека нема да се вратиме во „мрачен период“.
„Следните пет години ќе бидат тешки додека се обидуваме да се вратиме на вистинскиот пат и додека работиме на нови алатки за спасување животи“, напиша Гејтс, додавајќи дека во следната деценија светот не само што ќе се врати на вистинската насока, туку ќе влезе и во нов период на невиден напредок.










