Еден месец без социјални мрежи: Како забраната ги менува тинејџерите во Австралија

Точка

10/01/2026

13:39

760

Големина на фонт

а а а

Еден месец откако во Австралија стапи на сила забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, ефектите се видливи, но не се исти за сите.

Четиринаесетгодишната Ејми вели дека за првпат по долго време се чувствува слободно. По почетната навика инстинктивно да посегнува по „Snapchat“, постепено престанала постојано да го користи телефонот, почнала повеќе да трча, почесто да им се јавува на пријателите и значително го намалила времето поминато пред екран, пишува „BBC“.

Забраната ги опфаќа платформите како „Instagram“, „TikTok“ и „Snapchat“, а Ејми опишува дека исчезнал притисокот постојано да одржува онлајн-присуство. Денес телефонот го користи поретко и само кога навистина ѝ е потребен.

„Користам „Snapchat“ со лажен датум на раѓање“

Но, искуствата на другите тинејџери се поинакви. Тринаесетгодишниот Ахил вели дека кај него „ништо не се променило“. И понатаму поминува околу два и пол часа дневно онлајн, користи „YouTube“, „Snapchat“ со лажен датум на раѓање, како и гејминг-платформи како „Roblox“ и „Discord“, кои не се опфатени со забраната. Неговата мајка забележува дека е нешто пораздразлив и дека почесто игра видеоигри.


Слично е и со 15-годишната Лулу, која отворила нови профили на „TikTok“ и „Instagram“ со наведена возраст над 16 години. Сепак, таа вели дека сега малку повеќе чита и посвесно ги користи социјалните мрежи.

Комуницираат преку апликации што не се забранети

Психолозите предупредуваат дека кај дел од младите забраната може да предизвика краткорочна раздразливост, бидејќи социјалните мрежи често служат како механизам за справување со стресот и досадата. Заедничко за многу тинејџери е тоа што се префрлиле на апликации кои не се забранети, како „WhatsApp“ и „Messenger“, за да останат во контакт со пријателите.

Во пресрет на забраната, дел од младите барале алтернативи на помалку познати апликации или преку VPN-алатки, но тој тренд брзо згаснал. Експертите истакнуваат дека влезот во игри како „Roblox“ или „Minecraft“ е покомплициран и бара повеќе знаење и опрема, па тие не претставуваат целосна замена за социјалните мрежи.


„Резултатите од забраната веќе се видливи“

Австралиската влада тврди дека забраната веќе дава резултати и дека други земји разгледуваат сличен модел, додека официјалните податоци допрва се очекуваат. За Ејми, барем засега, промената е позитивна. Времето поминато на социјалните мрежи ѝ е преполовено, а мајка ѝ вели дека делува позадоволно. Сепак, сите се согласуваат во едно: дали забраната долгорочно ќе донесе повеќе корист или проблеми, ќе покаже само времето.