[ВИДЕО] Македонците 86-ти по среќа: Скандинавците се најсреќни, ние „мрчиме“ - дали сме навистина несреќни или само премногу искрени?

Точка

15/12/2025

09:00

386

Големина на фонт

а а а

Дали сме навистина несреќни или само живееме поинаков рецепт за радост? Ова е централното прашање што го отвора втората епизода на „Reality Check“, авторски и водителски проект на Ели Пешева, која продолжува да ги отвора големите животни теми низ призма на секојдневието.

Додека Скандинавските земји со години суеверно владеат на врвот на листите за најсреќни нации во светот, Македонија се наоѓа на 86-тото место, далеку во втората половина од глобалната табела. Но, дали ова навистина значи дека сме несреќни или едноставно имаме поинаква дефиниција за животот и задоволството?

Во новата епизода, „Reality Check“ истражува дали тајната на северот лежи во шведскиот концепт на „фика“, во демократијата и довербата во системот, или пак во македонската способност да се најде хумор дури и кога „животот не е фер“.

Шведскиот амбасадор во емисијата открива дека нивната филозофија се темели на постојано „дополнување на чашата“ и гледање напред, додека кај нас, честопати, енергијата се троши на „мрчење“ зошто чашата е полупразна. И покрај тоа, Македонија поседува нешто што Западот можеби полека го губи – силен социјален капитал.

И покрај амбиенталниот стрес од политиката, институциите и сообраќајниот метеж, тука сѐ уште постојат длабока блискост, силни семејни врски и време за кафе на сонце, нешта што не се мерат лесно со индекси, но имаат огромно значење за чувството на припадност.


Науката, пак, вели дека малите радости го активираат допаминот исто колку и големите победи, што го отвора прашањето – кој всушност знае подобро да ужива? Оваа епизода претставува судир на два света: шведската дисциплина, креативност и баланс наспроти македонскиот пркос, топлина и снаодливост.

Дополнително, се отвора и актуелната дилема зошто, и покрај сета дигитална поврзаност, младите денес се сѐ поосамени, и дали воопшто постои универзална формула за среќа, формула што можеби можеме да ја научиме од северот, а да ја примениме на југот.


Гостин во втората епизода на „Reality Check“ е Коста Петров, кој со своите ставови и искуства дополнително ја продлабочува дискусијата за личниот и колективниот поим за среќа.

Автор: Ц.Н.