Со бројните обвиненија за злоупотреба на власта, владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан ја тресе и скандал поврзан со системско злоставување на деца во државни домови.
Дополнителен проблем, истакнуваат критичарите, е тоа што надлежните институции години наназад се обидувале да ги прикријат размерите на овој проблем, известува „DW“.
Откако во јавноста излегоа податоците за злоставување во државните установи за деца и млади, во саботата во Будимпешта повеќе од 50.000 луѓе побараа оставка од премиерот Орбан. Протестантите извикувале слогани како „Орбан, губи се!“, а собирот го организирал опозицискиот лидер Петер Маѓар, претседател на партијата „Тиса“, која според анкетите води во пресрет на парламентарните избори планирани за пролет. Маѓар ја предводел протестната поворка носејќи транспарент со натпис „Да ги заштитиме децата“.
„Во нормални околности, во ваков случај владата би паднала“, рече за агенцијата „AFP“ 16-годишниот протестант Давид Козак. „За нив проблемот не се случаите на злоставување, туку тоа што тие беа откриени“, додаде тој, мислејќи на владејачките структури.
Секој петти малолетник бил злоставуван
Орбан тврди дека заштитата на децата е еден од највисоките приоритети на неговата политика уште од враќањето на власт во 2010 година. Сепак, во последните години неговата влада ја следат бројни скандали поврзани со злоставување на малолетници во системот на државна грижа.

Извештајот на унгарската влада од 2021 година, кој партијата „Тиса“ го објави во петокот, укажува на широко распространето злоставување во детските домови. Во документот се наведуваат околу 3000 сомнителни случаи на злоставување, што претставува повеќе од петтина од сите малолетници под државна грижа. Министерството за внатрешни работи соопштило дека извештајот во 2022 година бил проследен на надлежните органи „за поддршка на нивната работа“.
Според податоците од извештајот, повеќе од 320 деца биле жртви на сексуално насилство, додека 77 претрпеле физичко злоставување. Персоналот на установите предупредувал и на тоа дека полицијата и јавното обвинителство често ги прекинувале истрагите без подигнување обвиненија, најчесто со образложение „недостаток на докази“.

Капката што ќе ја прелие чашата?
Неодамна откриениот случај на насилство во малолетнички затвор во Будимпешта дополнително ја вознемири јавноста. На снимката од надзорната камера се гледа како директорот на установата удира момче со нога во глава. Четири вработени беа притворени на почетокот на неделата, а владата ги стави сите такви установи под полициски надзор.
Претходно беа уапсени уште тројца вработени, меѓу кои и поранешен директор обвинет за водење на ланец на проституција. Најновиот скандал многумина во Унгарија го доживуваат како пресвртна точка, која би можела да има силен политички одек во пресрет на клучните избори следната година.













