Зајкова: Македонија припаѓа во ЕУ, а Европа мора да покаже политичка храброст

Макфакс

14/12/2025

16:16

301

Големина на фонт

а а а

Отворајќи ја регионалната конференција на либералите „Quo vadis Europa 2025?“, претседателката на Либерално-демократската партија и претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (LIBSEEN), Моника Зајкова, упати силна порака дека европската иднина на Западниот Балкан не смее да биде заложник на внатрешни блокади, национални вета и нефункционални механизми на одлучување во Европската Унија.

„За земјите од нашиот регион, европската интеграција не е апстрактна политичка тема, туку длабоко егзистенцијално прашање, прашање на доверба, стабилност, безбедност и иднина. Македонија донесе тешки, храбри и често болни одлуки во име на европската перспектива и европските вредности. Покажавме компромис, политичка зрелост и посветеност, но европскиот пат и понатаму се соочува со одложувања кои не се резултат на недостиг од реформи, туку на структурни слабости во самиот процес на европско одлучување“, истакна Зајкова.

Таа нагласи дека проширувањето на Европската Унија мора да се третира како стратешка инвестиција, а не како политичка концесија.

„Едногласноста пречесто се претвора во алатка за блокада, а не во механизам за градење консензус. Билатералните прашања не смеат да ја киднапираат европската агенда и да ја поткопуваат веродостојноста на Унијата. Доколку Европската Унија сака да биде сериозен геополитички актер, мора да покаже храброст да се реформира и да донесува одлуки кои го штитат заедничкиот европски интерес“, порача таа.

Според Зајкова, за земјите кандидати како Македонија, ова не е техничка или бирократска дебата, туку суштинско прашање на доверба.

„Доверба дека напредокот ќе биде оценуван правично. Доверба дека реформите ќе бидат препознаени и наградени. И доверба дека Европската Унија е политичка унија која знае да води, а не простор на бесконечни одложувања“, додаде таа.

Во своето обраќање, Зајкова потенцираше дека Западниот Балкан не е периферија на Европа, туку нејзин составен и недовршен дел.

„Стабилноста, демократијата и просперитетот во нашиот регион се нераскинливо поврзани со иднината на самата Европска Унија. Интеграцијата мора да биде реална, инклузивна и неповратна. Секој поинаков пристап го отвора просторот за нестабилност, влијанија и разочарување“, предупреди таа.

Таа истакна дека регионалната соработка не е замена за членството во ЕУ, туку неопходен чекор кон него.

„Либералите веруваат дека границите треба да поврзуваат, а не да разделуваат. Кога инвестираме во регионална соработка, инвестираме во економски развој и заеднички европски вредности. Тоа е патот кон силна, обединета и функционална Европа“, нагласи Зајкова.

Зајкова заклучи дека Македонија и Западен Балкан припаѓаат во Европската Унија, а Европа мора да биде подготвена да се развива, да се реформира и да донесува храбри одлуки за да ја направи таа иднина возможна