[ВИДЕО] Пукање на универзитет во САД – има загинати и повредени, напаѓачот е во бегство

Макфакс

14/12/2025

09:55

581

Големина на фонт

а а а

Најмалку две лица се убиени, а девет се повредени во вооружен напад што се случи во саботата попладне на кампусот на Универзитетот „Браун“ во Провиденс, сојузната држава Род Ајленд. Локалните власти информираат дека осомничениот напаѓач сè уште не е идентификуван и е во бегство.

Според полицијата, нападот се случил во училница на приземјето, во време кога во објектот се одржувале завршни испити.

Градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, изјави дека осум од повредените биле пренесени во болницата во Род Ајленд, при што шестмина се во критична, но стабилна состојба, едно лице е во критична состојба, а друго е стабилно. Деветтата повредена жртва се здобила со полесни повреди и не е во животна опасност.

Претседателката на Универзитетот „Браун“, Кристина Х. Паксон, потврди дека и загинатите и повредените биле студенти на универзитетот.

По инцидентот, универзитетската администрација испратила итно предупредување до студентите да останат скриени, да ги заклучат просториите и да ги исклучат мобилните телефони до понатамошно известување.

Локалните власти објавија видео-снимки од безбедносните камери на кои се гледа осомничениот како ја напушта зградата за инженерство. Снимките не откриваат повеќе детали за неговиот идентитет, освен дека бил облечен во црна облека, а полицијата не ја исклучува можноста напаѓачот да носел маска.

Полицијата пронашла чаури на местото на нападот, но засега не соопштува дополнителни информации за оружјето или мотивот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, потврди дека бил информиран за настанот, а федералните агенции, меѓу кои ФБИ и АТФ, се вклучија во истрагата и им помагаат на локалните власти.