За ова не се знаеше до денес: Тејлор Свифт целосно скршена пред концертот на кариерата – „Не можам да се смирам“

Точка

12/12/2025

20:34

1.067

Големина на фонт

а а а

Две епизоди од документарната серија „Крај на една ера“ (End of an Era), која открива што се случувало зад сцената на една од најуспешните турнеи на сите времиња – „Ерас“, се емитуваат на Дизни плус.

Веќе првата епизода предизвика силни емоции кај гледачите, особено поради искреното сведоштво на Тејлор Свифт за емоционалниот товар што го носеле средбите со семејствата на жртвите од нападот во Саутпорт, како и за терористичката завера поради која морала да откаже три концерти во Виена.

Во една од најемотивните сцени, Свифт, во солзи, разговара со својата мајка Андреа неколку моменти пред да излезе на сцената на стадионот „Вембли“ во Лондон.


„Знам дека им помогна. Знам дека тебе така не ти изгледа, но знам дека им помогна“, ѝ вели утешно мајка ѝ, додека пејачката се бори да дојде до здив.

И покрај емоционалниот товар, Свифт истакнува дека морала да се собере пред настапот и да покаже храбро лице.

„Од ментален аспект, голем дел од времето живеам во реалност која е многу нереална. Но, мојата работа е да се справам со сите тие чувства и веднаш да бидам подготвена за настап. Така едноставно мора да биде“, вели таа.

Трагичниот напад во Саутпорт се случи на 29 јули 2024 година, кога 18-годишниот Аксел Рудакубана со нож ги уби Алис да Силва Агијар (9), Елси Дот Стенкомб (7) и Бебе Кинг (6), девојчиња кои посетувале танцов курс со тема Тејлор Свифт. Во нападот беа ранети уште десет лица, меѓу кои осум деца. Аксел е обвинет за три убиства и десет обиди за убиство.

Пред секој од петте настапи на стадионот „Вембли“, Свифт се сретнала со семејствата на жртвите, а во документарецот зборува за вознемиреноста и борбата да настапува три и пол часа, и покрај разорните спомени и огромниот притисок.

Таа се спореди со пилот кој управува авион низ турбуленции и открива дека очајно сакала да ги заштити обожавателите од она што навистина се случува зад сцената, за да им овозможи незаборавна вечер.


„Се случи тој ужасен напад во Ливерпул, на танцова забава со тема Тејлор Свифт и таму имаше мали деца кои…“, вели таа пред камерите, воздржувајќи ги солзите. „Ќе се сретнам со некои од тие семејства на мојот концерт. Сè ќе биде во ред, бидејќи кога ќе ги сретнам, се колнам во Бог, нема да го направам ова. Ќе бидам насмеана. Сето ова мора да се тргне на страна пред да излезеш на сцена. Го заклучуваш тоа. Три и пол часа. Тие не треба да се грижат за тебе.“

Настапот во Лондон, одржан во август минатата година, беше нејзин прв концерт во Обединетото Кралство по трагедијата и го следеа 92.000 обожаватели. Воедно, тоа беше и нејзино враќање на сцената по откажувањето на трите концерти во Виена, откако беа откриени планови за терористички напади.

„Избегнавме масакр“, изјави пејачката додека се обидуваше да се смири зад сцената, слушајќи аудиокнига.

„Имам силна физичка реакција на нервозата. Рацете ми се тресат. Чудно е, само морам да поминам низ овој прв настап“, ѝ рече на мајка си.

„Настапувам веќе 20 години. Од ментален аспект, стравот дека нешто може да им се случи на твоите обожаватели во секој момент – тоа е нов предизвик. Сакам да ги задржам сите мои нерви подалеку од публиката, бидејќи тие чувствуваат секоја промена во енергијата. Ти си на турнејата, ништо не смее да биде погрешно“, порача таа.


Во серијата, Свифт разговара и со својот близок пријател Ед Ширан за чувството дека била следена како животно за време на романсата со Тревис Келси, признавајќи дека по турнејата сакала да побегне од сè.

„Имам два месеци одмор по ова и навистина ми се потребни. Повеќе од кога било“, вели таа, додавајќи дека планира да замине „некаде каде што никој нема да може да ја пронајде“.

И покрај бројните тешки моменти, документарната серија прикажува и убави сцени – заеднички проби со Ед Ширан, разговор со Тревис по првиот настап на „Вембли“, како и нејзината искрена исповед за љубовта кон мистеријата и тишината.