Додека првиот дел од последната сезона на „Stranger Things“ предизвика огромен интерес ширум светот, последниве денови социјалните мрежи ги преплавија стари фотографии од актерската екипа направени на првото читање на сценариото во 2015 година.
Бидејќи тогаш започна снимањето на првата сезона, овие фотографии разбудија носталгија токму во моментот кога публиката со нетрпение ги очекува преостанатите епизоди од финалното поглавје на серијата.
На фотографиите се прикажани Мили Боби Браун во главната улога како Илевен, како и Фин Волфхард (Мајк Вилер), Гејтен Матарацо (Дастин Хендерсон), Кејлеб Меклафлин (Лукас Синклер) и Ноа Шнап (Вил Бајерс).
Младата екипа, насмеана и полна со ентузијазам, тогаш сè уште беше несвесна за размерите на успехот што ги очекува. Седат на маса со првите верзии од сценариото во рацете, видливо возбудени и подготвени да влезат во улогите што засекогаш ќе им го променат животот.
Нивната спонтана енергија, детската опуштеност и искреното исчекување на секој нов ред потсетуваат колку целиот проект на почетокот изгледал како мала авантура, која подоцна ќе прерасне во глобален феномен.
Денес, десет години подоцна, јасно се гледа колку сите се промениле. Младите тинејџери од првото читање на сценариото израснаа во позрели, посериозни и посамоуверени актери, оформени со деценија искуство и светска популарност што им ја донесе серијата.
Во втората сезона им се придружи и актерката Сејди Синк во улогата на Мекс Мејфилд, која донесе нова доза енергија во серијата.
Потсетуваме, петтата сезона на „Stranger Things“ го отвори своето последно поглавје со рекордни бројки. Во првите пет дена од достапноста на „Netflix“, сезоната достигна 59,6 милиони прегледи, што претставува најуспешна премиерна недела на било која серија на англиски јазик на оваа платформа.
„Netflix“ минатата недела ги објави првите четири епизоди од петтата сезона. Следните три пристигнуваат на 25 декември, додека финалето на серијата е закажано за 31 декември.









