Првата дама на Франција, Брижит Макрон, се најде во центарот на скандал откако протече видео на кое таа ги нарекува феминистичките активистки „глупави ку*ки“ („sales connes“), пренесоа француските медиуми.
Нејзиниот испад се случил пред почетокот на настапот на комичарот Ари Абитан, кој претходно бил обвинет за силување, а чијшто настап го прекинале активистките.
Вчера, локалните медиуми објавиле видео на кое се гледаат Брижит Макрон и нејзината ќерка Тифен Озиер како разговараат со комичарот пред неговиот настап. Се слуша како Абитан вели „Се плашам“, на што француската прва дама одговорила дека „ако има глупави ку*ки, ќе ги исфрлиме“.
Нејзиниот тим изјави дека коментарот се однесувал на „радикалниот метод“ што го користеле феминистките за да го нарушат стендап настапот на Абитан во саботата.
Имено активистките носеле маски со неговото лице и зборовите „силувач“ и скандирале „Абитан силувач“.
Инаку една жена го обвинила актерот за силување во 2021 година, но истражителите го отфрлиле случајот во 2023 година поради недостаток на докази. Феминистичката група #NousToutes („Сите ние“), која го организирала протестот, ја претворила навредата во хаштаг на социјалните мрежи.








