Како вулканска ерупција започнала ланец на настани што на крај довел до епидемијата на „црната смрт“

Точка

05/12/2025

21:36

839

Големина на фонт

а а а

Поради низа вулкански ерупции кои ги уништиле земјоделските култури во Средоземното Море во 14. век, италијанските градови-држави биле принудени да увезуваат жито од Црното Море — но со житото пристигнале и болви заразени со бубонска чума, што ја предизвикало епидемијата во која починало половина од европското население во тоа време, откриваат истражувачи од Кембриџ.

Анализите на дрвја од шпанските Пиренеи покажале јасни обрасци на синкави прстени, предизвикани од невообичаено студени и влажни лета во 1345, 1346 и 1347 година низ поголемиот дел од Јужна и Медитеранска Европа — последица од вулканските ерупции, се наведува во студијата што ја пренесува "Times".

Катастрофалните услови во текот на повеќе последователни години довеле до тоа земјоделските култури во земјите околу Средоземното Море да пропаднат, па поморските републики Венеција, Џенова и Пиза започнале да увезуваат храна од Монголите.


„Повеќе од еден век, овие моќни италијански градови-држави воспоставувале трговски патишта на големи растојанија преку Средоземното и Црното Море, што им овозможило да активираат исклучително ефикасен систем за спречување глад“, изјави Мартин Бaух, историчар од Iнститут за историја и култура на Источна Европа Лајбниц, кој работел на истражувањето заедно со професорот Улт Бинтген од Одделот за географија на Универзитетот во Кембриџ.

Во истражувањето се наведува дека бродовите што превезувале жито преку Црното Море речиси сигурно со себе донеле и болви заразени со бактеријата „Yersinia pestis“, која ја предизвикала црната смрт.


„Кога болвите заразени со чума пристигнале во медитеранските пристаништа од 14. век на бродови што превезувале жито, тие станале вектор што ја пренесува болеста, овозможувајќи ѝ на бактеријата да премине од домаќинот — претежно глодари, а можеби и домашни животни — на луѓето. Болеста брзо се проширила низ Европа и ја опустошила популацијата“, наведуваат истражувачите.

Стапката на смртност се движела меѓу 30 и 60 проценти во различни делови на Европа, а се проценува дека во епидемијата на бубонската чума починале околу 50 милиони луѓе.