Милан доживеа елиминација во осминафиналето на италијанскиот Куп и тоа по вчерашниот пораз од Лацио во Рим со резултат 1:0.
Голот на Закањи беше доволен за победа на домаќините, кои на тој начин му возвратија на истиот ривал, кој ги победи во Серија А за време на последниот викенд.
Макс Алегри е свесен дека оваа елиминација делува разочарувачки за тимот, па се обидел да ги лоцира и причините за поразот.
– Имавме многу повеќе проблеми од претходното соочување, пред се поради одредени лоши потези и додавања.
– Натпреварот беше статичен, јасно беше дека кој прв ќе поведе на крајот и ќе дојде до победата, а ние не ги искористивме своите шанси.
– Примивме гол од корнер кој моравме да го браниме подобро, направиме три-четири евтини грешки, исто како што беше и на натпреварите со Кремонезе и Пиза. Јасно е дека разочарувањето за ваква рана елиминација е големо, но сега мора да се фокусираме на Серија А.
– Ни следува сериозен предизвик на гостувањето кај Торино. Знаете ли колку пати Милан победил во Торино последните 12 години? Само еднаш и тоа за време на ковид, кога се играше без публика. Затоа, треба да се фокусираме и да се обидеме да победиме на тој натпревар, – рекол Алегри.







