Фабио Капело редовно ги анализира случувањата во италијанскиот фудбал, па иако неодамна јавно го критикуваше Антонио Конте за паузата која си ја зема за време на репрезентативните обврски кои ги имаа дел од соиграчите, сега призна дека тој потег сепак се покажал како правилен во ситуаија кога Наполи врза три победи во низа.
Конте си зема одмор и ги остави фудбалерите да тренираат со неговите помошници, а бидејќи овој потег воопшто не му се допадна на Капело, легендарниот Дон Фабио сега одново се наврати на оваа тема.
– Го критикував и не ми се допадна тој потег на Конте. Мислам дека покажа непочитување кон играчите кои останаа во тимот и кој тој требаше да ги тренира. Тие кои немаа репрезентативни обврски останаа во тимот, а Конте ризикуваше истите да се почувствуваат како второкласни играчи.
– Антонио често знае сам да си бара непријатели, но секој се справува со одредени ситуации на свој начин. Резултатите покажаа дека бил во право и тоа мора да се признае сега, – изјави Капело, кој смета дека враќањето на Ромелу Лукаку може да биде клуч за сезоната во Серија А.
Белгиецот треба да се врати на терените во наредните неколку седмици и проценките се дека тоа може да се случи и пред Нова Година, па Капело е убеден дека Конте ќе добие огромно засилување за вториот дел од сезоната.
– Еден играч може да биде клучен за Скудетото, а тоа е Ромелу Лукаку. Веќе видовме колку може да биде одлучувачки во нашата лига и не гледам зошто повторно не би било така, – завршува Капело.







