Веста дека Љубослав Пенев се бори за живот во онколошка клиника во Германија ја трогна јавноста во Бугарија, но многу реакции има и во Шпанија, земја во која славниот напаѓач се прослави како врвен напаѓач настапувајќи за екипи како Валенсија, Атлетико Мадрид, Компостела и Селта Виго.
59-годишниот Бугарин ја совлада подмолната болест во текот на играчката кариера, но сега му се појавил сериозен тумор на бубрегот, кој поради специфичноста на локацијата им прави многу проблеми и на врвните онколози.
Поради значителното губење на килограми и лошата состојба, Пенев не е во ситуација да прима хемотерапија и да подлегне на операција, па поради тоа, лекарите утврдиле друг начин на третман и терапија во обид да се справат со тешката болест.
Бидејќи станува збор за една од најпознатите онколошки клиники во Европа, бугарските и шпанските медиуми се надеваат дека исходот сепак ќе може да биде позитивен, но за да му се даде шанса на Љубо, неговите поранешни клубови и хуманитарците ќе треба да дадат одредена помош.
Семејството на Пенев јавно објави дека не располага со 300 или 350 илјади евра кои се побарани за неговото лекување, па веќе неговата сопруга објави жиро сметка за собирање донации за да се спаси животот на познатиот фудбалер.
По оваа објава, се активираа и луѓето од Валенсија, односно Фернандо Хинер кој како претседател на здружението на фудбалери на Валенсија стапи во комуникација со сите четири шпански клуба за кои настапуваше Пенев.
– Многу сме загрижени за Љубо, не знаеме детали за лекувањето, но знам дека финансиската состојба на семејството не овозможува да бидат платени околу 300 илјади евра. Мораме да смогнеме сили и да му помогнеме, – изјави Хинер во кратка изјава за „АС“.







