Ново ТВ искуство, нова енергија и неочекуван пресврт - така синоќа стартуваше новото вечерно шоу „Вечер по 8 со Миро“ на Алфа телевизија.
Водителот Миро Кацаров дебитираше со свеж концепт, остар тон и динамична сценографија, а најмногу внимание предизвика неговиот храбар потег: во првата епизода ги спои поранешните партнери Иван Јованов и Антониа Гиговска, пар кој со години ја интригира јавноста.
Јованов и Гиговска, кои долго време беа во центарот на медиумските приказни и чија врска заврши со бројни шпекулации, синоќа за првпат по раскинувањето се појавија заедно пред камери. Настанот веднаш предизвика силни реакции - и кај публиката во студио, и на социјалните мрежи, каде што првата епизода веќе се коментира како „смела“, „подгреана“ и „телевизиски удар на сезоната“.
Шоуто, кое ќе се емитува секој четврток во 20:30, го најави и самиот Кацаров со амбициозна порака:
„Ново ТВ искуство, нова енергија, Миро каков што досега не сте го виделе и најдобриот бенд во Македонија, Либеро, кои ќе бидат дел од секоја емисија! Подгответе се за остра, искрена и забавна вечерна доза вистина“.
Со Либеро како резидентен бенд, динамични разговори и хумор без задршка, „Вечер по 8 со Миро“ уште на самиот старт го постави тонот - комбинација од забава, искреност и моменти што отвораат прашања и предизвикуваат реакции.
Првото „спојување“ на Јованов и Гиговска веќе го подига рејтингот и ги позиционира Миро и Алфа со силен почеток на новата сезона. Според првичните коментари, шоуто ветува да стане едно од најгледаните и најкоментираните ТВ содржини во следниот период.
Автор: Ц.Н.







