Билo 1957 година кога Лоренс Џозеф Бејдер, познат како Лери, трговски патник од Охајо, решил да се опушти на риболов на езерото Ери. Тој март, и покрај метеоролошките предупредувања за бура, Лери излегол. Тоа утро ја бакнал сопругата Мери Лу, ги оставил своите три деца (четвртото на пат) и тргнал на вода.
Бил искусен риболовец, но тој ден природата не била на негова страна. Моќна бура го зафатила езерото. Неговиот чамец бил пронајден следниот ден – делумно оштетен, со едно весло кое недостасувало. Од Лери – ниту трага.
Трагедија или бегство?
Се претпоставувало дека загинал. Езерото било детално пребарано, но телото не било пронајдено. Иако имал даночни долгови од околу 20.000 долари, истрагата не укажала на измама. Јавноста ја прифатила официјалната верзија – Лери загинал во несреќа.
Мери Лу, како вдовица, добила околу 40.000 долари осигурителна надомест, што барем привремено ѝ ги олеснило финансиските грижи.

Осум години подоцна – нов идентитет?
Сè се променило во 1965 година, кога семеен пријател во Чикаго случајно налетал на човек кој неверојатно личел на исчезнатиот Лери. Се претставувал како Џон Фриц Џонсон – популарен ТВ и радио водител од Омаха, познат како коментатор на борење и успешен стрелец. Бил во брак, имал две деца, а една година претходно му бил дијагностициран тумор поради кој го загубил окото.
Заинтригиран, пријателот ја довел и внуката на Лоренс за да го види. Заедно го соочиле со прашањето: „Дали сте вие Лоренс Џозеф Бејдер?“ Џонсон тврдел дека не е – дека пораснал во сиропиталиште и служел во војска 14 години. Сепак, прифатил да даде отпечатоци од прсти.

Резултатите биле шокантни: Џон Фриц Џонсон и Лоренс Џозеф Бејдер се истата личност!
Амнезија или планирано исчезнување?
Психијатрите го анализирале неговиот случај. Некои тврделе дека туморот можеби предизвикал долготрајна амнезија, додека други зборувале за можноста потсвеста да го потиснува идентитетот. Сите се согласиле во едно: Џонсон не глумел – навистина не знаел дека некогаш бил Лери.
Јавноста, сепак, била сомничaва. Долговите, ненадејното исчезнување и парите од осигурувањето фрлиле сенка врз приказната за амнезија. Тој набрзо ја изгубил работата, а многумина од пријателите од „новиот“ живот го одбиле.

Последици за семејството
Неговото враќање предизвикало хаос. Мери Лу ја изгубила социјалната помош и морала да го врати осигурувањето. Ја раскинала неодамнешната свршувачка и побарала развод. Од друга страна, втората сопруга на Џонсон останала покрај него, иако нивниот брак бил прогласен за неважечки, затоа што тој никогаш формално не го раскинал првиот.

Крај на приказната – овојпат дефинитивен
Година дена подоцна, злокобниот тумор се вратил. Џонсон/Бејдер починал на 16 септември 1966 година во болница во Омаха, на 40-годишна возраст. Прашањето дали навистина ја изгубил меморијата или умешно водел двоен живот никогаш не било целосно разјаснето. Овој случај останува еден од најбизарните случаи на идентитетска мистерија од 20-от век.











