Аја Софија, Сината џамија, палата Топкапи, кула Галата, мачки… Мачки? Од каде мачки во овој ред? Звучи необично, но да, мачките се една од атракциите на Истанбул за кои бројни туристи по посетата на градот зборуваат скоро исто колку за најважните градежни споменици, шопинг и феноменалната храна.
Мачките се заштитен знак на овој град. Колку точно мачки има во Истанбул тешко е да се каже, но се проценува дека околу еден милион шетаат по улиците на метрополата, а конзервативните проценки велат дека се неколку стотици илјади.





Во Истанбул ги сакаат своите мачки и се грижат за нив
Иако слободно шетаат по улиците, истанбулските мачки никако не се запуштени или неухранети. Напротив, од населението добиваат храна и најдобра можна грижа, секаде се добредојдени, па понекогаш изгледа како тие да се вистинските владетели на градот, а луѓето само нивни слуги.
Градските власти на неколку локации поставиле мали куќички за мачки каде тие можат да се скријат во студените месеци, а на секој чекор може да се видат и хранилишта за мачки. Покрај тоа, многу од жителите самостојно оставаат храна, ги милуваат и се грижат за нив.



Мачките се добредојдени насекаде и никој не ги брка од таму. Убаво се сместуваат на перниче на терасата на ресторан, влегуваат во продавници, а им е дозволено дури и да влезат во џамија. Легендарна е и сцената во која мачка во Истанбул влегува на концерт на филхармонијата и останува за време на целата изведба.
Мачки – чисти животни за кои пишувал и пророкот Мухамед
Но, од каде толку мачки во градот? Се верува дека почетокот се води уште од времето на Отоманското Царство, кога на бројните бродови што пристигнувале во Константинопол мачките биле вообичаени патници бидејќи ловеле глувци, стаорци и други штетници. Од бродовите слегувале во градот, каде се размножувале, а жителите ги прифаќале бидејќи во големиот дел од дрвените куќи и самите имале проблеми со штетници.




Постојат и религиозни причини, бидејќи мачките во исламот се сметаат за чисти животни, за кои пишувал и самиот пророк Мухамед. На пример, во една од повеќето приказни во кои се споменуваат мачките, Мухамед го пресекол ракавот од својата кошула за да не ја разбуди мачката која се склупчила и заспала на него.
Доколку некогаш сте го посетиле Истанбул, сигурно сте ги забележале мачките, а тие се и ѕвезди на социјалните мрежи. Фејсбук страницата „Cats of Istanbul“ има 80 илјади следбеници, а на Инстаграм повеќе од 20 илјади луѓе ја следат нивната авантура.












