[ВИДЕО] Барле - град во кој можете да се туширате во Белгија, а да спиете во соседната соба во Холандија: Границата минува низ куќи, продавници, барови...

Точка

26/11/2025

18:40

465

Големина на фонт

а а а

Еден град – две држави. Границата поминува низ улици, куќи и станови. За среќа, двете се во Европската унија, па во дневната соба не ве чека гранична полиција. Шега на страна, ова е единствен случај на Стариот континент и токму затоа привлекува голем број туристи. Како што би рекле – две муви со еден удар!

На прв поглед, Барле изгледа како уште еден мирен холандски град близу белгиската граница. Сепак, доволно е да го спуштите погледот кон тротоарот за да сфатите дека се наоѓате на едно од најнеобичните географски и административни места во Европа. Барле е всушност поделен на два дела – холандскиот Барле-Насау и белгискиот Барле-Хертог – но, оваа поделба не е ни приближно едноставна.


Белгискиот дел не е само издвоен, туку во рамките на холандската територија се наоѓаат дури 22 белгиски енклави. Во нив, пак, се кријат седум холандски контра-енклави. Толку се густо испреплетени што државната граница буквално поминува низ сè: сече улици, градини, продавници, па дури и дневни соби. Во Барле е сосема нормално да се туширате во Белгија, а да спиете во Холандија – во соседната соба. Може да се случи во иста продавница лебот да го земате од полицата во Холандија, а млекото од полицата што припаѓа на Белгија. Во кафуле ќе нарачате кафе во Холандија, но касата стои – во Белгија.


„Сплетка“ од средниот век

Оваа неверојатна географска „сплетка“ потекнува од средниот век. Сè започнало во 1198 година кога војводата од Брабант му подарил дел од земјата на господарот на Бреда, додека преостанатите парцели останале под контрола на војводството. Со векови менувале сопственици, но никогаш не биле целосно обединети, па се создало сложена мапа каква што денес ја познаваме.

Две општини, два градоначалници

Кога Белгија се одвоила од Холандија во 1830 година, границите станале уште позаплеткани. Дури по петнаесет години расправии, комисијата успеала да донесе одлука, а денешните граници официјално биле договорени дури во 1995 година. Поради тоа, Барле има двојни институции: две општини, две пошти, две училишта, две противпожарни станици и два правни системи. И, се разбира – два градоначалници.


Во пракса, сè изгледа уште побизарно отколку на карта. Границата е обележана со бели крстови на тротоарот или коловозот, додека покрај куќните броеви стојат знамињата на државата во која куќата официјално се наоѓа. Правилото е дека домот припаѓа на државата во која се наоѓаат влезните врати. Сепак, постои и исклучок – куќа чија врата буквално ја пресекува границата.

Пандемијата на коронавирус донесе дополнителни компликации

Низ историјата, разликите во законите се чувствувале во секојдневниот живот на жителите, а особено станале видливи за време на пандемијата, кога од едната страна на улицата важеле построги правила отколку од другата. Сепак, понекогаш овој необичен распоред има и свои предности, на пример кога горивото е значително поевтино во едната држава.


Туристите за 20 минути ја минуваат границата 50 пати

За жителите, Барле функционира како еден единствен град во кој се живее сосема нормално. Но, за туристите, картографите и љубителите на необичното, ова е вистинско чудо.

Доволно е да се прошетате низ главната улица дваесетина минути за да ја преминете државната граница повеќе од 50 пати. Благодарение на Шенген, никој нема да ви бара документи – но речиси е сигурно дека сами ќе посакате да го забележите овој фасцинантен граничен мозаик со фотографија.