Антонио Конте претрпе уште еден сериозен удар за време на репрезентативната пауза која заврши, бидејќи уште во раната фаза на ноемврискиот ФИФА прозорец дозна дека со незгодна повреда се здобил и Франк Замбо Ангиса.
Оваа повреда на играчот за врска го натера тренерот на Наполи да ја промени тактиката на натпреварот против Аталанта, па наместо традиционалната 3-4-3, небесно сините ги видовме во формација 3-4-2-1.
Конте го жртвуваше Елиф Елмас и му даде предност на Ноа Ланг како крило, а во својата анализа по натпреварот кој заврши 3:1, тренерот јасно стави до знаење дека повеќе смета на Македонецот како крило, отколку како на играч во централниот дел од средниот ред.
– Можеби тие што се отстрана не знаат каков однос имам со играчите, но јас можам да ви кажам дека односот е навистина коректен и искрен. Јас сум целосно транспарентен, не носам маски и секогаш сум искрен со сите. Јас сум таков каков што ме гледате, знам дека на многумина не им се допаѓа тоа, но искреноста секогаш е круцијална за мене.
– Настана голем проблем по последниот удар со Ангиса, тоа ме натера да помислам на измена во средниот ред. Останавме без многу играчи на тие позиции, бидејќи Елмас во принцип не е играч за врска, иако добро одговара на сите барања. Останавме со Лоботка, МекТоминеј и младиот Вергара, па моравме да бараме нови решенија со играчите кои ги имаме на располагање, – изјави Конте.
Во формацијата со тројца стопери, Гутирез и Ди Лоренцо имаа задачи како офанзивни бекови, во средниот ред беа Лоботка и МекТоминеј, додека на овој натпревар предност пред Елмас доби Ноа Ланг кој го постигна голот за 3:0.







