Саргасовото Море нема крајбрежје. Звучи необично, но вакво место навистина постои – има сопствен екосистем и морски струи, иако не допира ниту еден сантиметар копно.
Нема крајбрежје, нема плажи, лагуни или карпи – само непрегледно синило и бескрајни ленти од пловечки алги. Саргасовото Море е единствен морски простор во Атлантскиот Океан што со векови ги фасцинира научниците и морепловците, а последните години и заштитниците на природата поради промените што му се закануваат.

Окружено е со четири различни океански струи
Овој необичен феномен се наоѓа длабоко во северниот Атлантик, опкружен со четири големи струи. Голфската струја на запад, Северноатлантската на север, Канарската на исток и Северноекваторската на југ создаваат своеобразен „кружен тек“.
Токму тој, како невидлив ѕид, ги поставува границите на она што го нарекуваме Саргасово Море.
Научниците технички го сметаат за дел од Атлантскиот Океан, но терминот „море“ се користи поради неговите исклучителни океанографски особености.
Ова е простор со стабилни струи, сопствен екосистем и препознатливи површински карактеристики – различен од сè што го опкружува, што може да се забележи и со голо око.

Името го добило по алгите "Sargassum"
Саргасовото Море го носи своето име по алгите од родот "Sargassum", кои во огромни количества пловат на неговата површина. Тие се задржуваат во слоеви и претставуваат живеалиште за бројни морски организми. Постои и запис од времето на Кристофор Колумбо, во кој морнарите, гледајќи огромни површини со алги, помислиле дека се блиску до копно – а всушност биле далеку на отворено море.
Еколозите, научниците и океанографите често ја истакнуваат важноста на Саргасовото Море и неговата клучна улога во океанската биодиверзитет. Во него живеат многу видови, меѓу кои и ендемичната саргасова рипка "Histrio histrio". Тука се среќаваат бројни ракови, желки, па дури и јагули што мигрираат илјадници километри само за да ги положат своите јајца во заштитените длабочини на ова подрачје.

Договор
Години наназад научници од целиот свет го проучуваат ова море за подобро да ги разберат неговите сложени екосистеми, ефектите на климатските промени и миграциите на клучните морски видови.
Земјите што имаат брег на Атлантикот во 2014 година го потпишаа Саргасовиот договор, со кој се обврзаа да го заштитат ова единствено природно подрачје.
Како и сите океани и мориња, и Саргасовото Море денес е загрозено од пластичен отпад, климатски промени и прекумерен риболов. Ова чудо скриено под површината на океанот е доказ дека природата со милиони години има сопствени правила и ритам – кои човекот често, свесно или несвесно, ги нарушува, пренесува „b92“.














