Колкупати сте му дале некому отклучен телефон за да погледне фотографија или да се јави, а притоа не сте сакале да има пристап до вашите пораки, галерија или банкарски апликации? „Samsung“ конечно воведува можност за заклучување поединечни апликации, без потреба од инсталирање дополнителен софтвер или нивно преместување во „Secure Folder“.
Новата функција се нарекува „App Lock“ и пристигнува со ажурирањето „One UI 9.5“. Веќе е достапна во бета-верзијата на софтверот за серијата „Galaxy S26“, додека поширока достапност се очекува по објавувањето на стабилното ажурирање.
„App Lock“ овозможува избраните апликации да ги заштитите со отпечаток од прст, препознавање лице или ПИН-код. Дури и кога телефонот веќе е отклучен, за отворање на заштитената апликација ќе биде потребна дополнителна потврда на идентитетот.
Постапката е едноставна. Пронајдете ја апликацијата што сакате да ја заклучите, задржете го прстот врз нејзината икона и изберете го симболот со катанец, а потоа опцијата „Lock“. По потврдувањето на идентитетот, апликацијата ќе биде заштитена.

Постои и друг начин, особено корисен ако сакате да заклучите повеќе апликации одеднаш. Отворете „Settings“ > „Security and privacy“ > „More privacy settings“ > „App Lock“, а потоа вклучете ја заштитата за посакуваните апликации.
„Samsung“ размислувал и за информациите што би можеле да останат видливи дури и кога апликацијата е заклучена. Активирањето на функцијата „App Lock“ автоматски ја крие содржината на нејзините известувања и го отстранува нејзиниот виџет од почетниот екран, за приватните податоци да не им бидат достапни на други лица.
Сепак, постои важно ограничување. „App Lock“ го користи истиот ПИН-код и истите биометриски податоци како и заклучениот екран на телефонот. Тоа значи дека лице што веќе ја знае вашата шифра за отклучување на уредот може да пристапи и до заштитените апликации.

Освен тоа, заклучувањето на апликацијата не ги спречува автоматски другите апликации што имаат соодветни дозволи да пристапуваат до нејзините податоци. На пример, ако го заклучите „WhatsApp“, фотографиите зачувани во обичната галерија и понатаму можат да бидат достапни.
Затоа „Secure Folder“ останува подобар избор за чувствителни податоци. Тој користи посебна, шифрирана средина во која апликациите и датотеките можат да бидат одвоени од остатокот на телефонот.

Меѓутоа, за секојдневни ситуации, новата функција „App Lock“ ќе биде значително попрактична. Корисниците ќе можат да ги заштитат пораките, фотографиите или другите приватни апликации без сложено поставување.
Функцијата моментално им е достапна на корисниците на серијата „Galaxy S26“ што ја имаат инсталирано бета-верзијата на „One UI 9.5“. „Samsung“ сè уште не ја потврдил целосната листа на постари модели што ќе ја добијат оваа можност.











