Ричард Хопкинс, близок пријател на Михаел Шумахер, стравува дека никогаш повеќе нема да го види германскиот ас.
Хопкинс, кој своевремено беше висок оперативец во тимовите на „Red Bull“ и „McLaren“, вели дека одамна нема слушнато ништо за легендарниот возач на Формула 1. Шумахер веќе повеќе од една деценија е обвиткан со мистерија. Од падот и тешката несреќа на скијање во Француските Алпи во 2013 година, малку е познато за неговата состојба, а според пишувањата, тој не може да зборува и комуницира само со очите.

Освен најблиските членови на семејството, до Шумахер имаат пристап само Рос Браун, Жан Тод и уште неколкумина негови најдоверливи соработници. Но зборовите на еден од неговите пријатели не внесуваат многу надеж.

„Не сум слушнал ништо за него во поново време. Колку што знам, за него се грижи еден фински лекар. Мислам дека никогаш повеќе нема да го видам Михаел. Непријатно ми е да зборувам за неговата состојба, бидејќи сè се држи во строга тајност. Семејството е во право што постапува така. Можам да зборувам за многу нешта, но не сум дел од тој тесен круг. Не сум ниту Жан Тод, ниту Рос Браун, ниту Герхад Бергер. Тие го посетуваат Михаел, јас сум многу далеку од тоа“, изјави Хопкинс.

На прашањето дали разговарал со некој што го видел Шумахер, тој одговорил дека дури и да знае нешто – не би го споделил јавно.

„Не можам да кажам дека сум најдобар пријател со Тод, Рос или Герхад. Дури и да сте најдобар пријател со некој од нив, и да ги напиете со многу црвено вино, не верувам дека би се отвориле и би раскажале нешто. Тоа е од почит кон Михаел, и затоа не зборуваат за тоа. Така сака семејството – и тие го почитуваат тоа. Дури и да знам нешто, семејството би било разочарано ако го кажам.“

Германските медиуми пред две години објавија дека за Шумахер се грижи тим од 15 луѓе. Судот годинава, кога уценувачи се закануваа дека ќе објават негови фотографии, делумно потврди дека тој е беспомошен и дека му е потребна 24-часовна нега.

Пристапот до легендарниот возач е строго ограничен и го имаат најмногу дваесет луѓе, а редовни посетители, надвор од семејството, се само тројца: Жан Тод, Рос Браун и Герхад Бергер. Неговата долгогодишна менаџерка Сабине Кем јасно порача дека „Здравјето на Михаел не е јавна работа“ и дека семејството ќе направи сè за да го заштити.











