Италија одново го оди потешкиот пат во обидот да избори пласман за Светско првенство, па исто како и Македонија, „аѕурите“ се во исчекување на ждрепката во Цирих која е закажана за во 13:00 часот.
Како фаворит со висок ФИФА и УЕФА коефициент, Италија е носител и ќе чека ривал од првиот квалитативен шешир, а еден од потенцијалните противници на поранешниот светски шампион е и Македонија.
Нашата репрезентација пред три години ја шокираше Италија во Палермо и ја елиминираше во полуфиналниот бараж, но токму поради тој болен пораз, Фабио Капело ја посакува токму Македонија како ривал за баражот кој следи во месец март наредната година.
Италија може да се падне и со Северна Ирска, Романија и Шведска, но легендарниот Капело на прво место ја става Македонија.
– Претпочитам да ни се падне Македонија поради една причина, пред се поради тоа што се случи во 2022-ра година. Ќе имаме шанса за одмазда после лошото искуство пред три години, – изјави Капело.







