Беше перспективен олимпиец, а потоа стана шеф на картел. Рајан Вединг (44) денес е еден од најбараните бегалци, обвинет за водење наркокартел вреден милијарда долари и за повеќе нарачани убиства.
Некаде во минатото беше канадска надеж на снежните падини, олимпиец со блескава иднина. Денес, Рајан Џејмс Вединг (44) е на листата на десетте најбарани бегалци на ФБИ, обвинет дека управува со глобален наркокартел вреден над една милијарда долари годишно. Американските власти го нарекуваат „современиот Пабло Ескобар“ и нудат награда од неверојатни 15 милиони долари (околу 14 милиони евра) за информации што би довеле до негово апсење. Неговата приказна претставува пад од спортски херој до немилосрден криминалец обвинет за повеќекратни убиства и шверц на тони кокаин.
Рајан Вединг е роден во 1981 година во семејство длабоко поврзано со зимските спортови. Неговите баба и дедо поседувале ски-центар, а татко му и чичко му биле натпреварувачки скијачи. Талентираниот млад спортист се префрлил на сноуборд и на 15 години станал член на канадската репрезентација. Врвот на неговата кариера бил настапот на Зимските олимписки игри во Солт Лејк Сити во 2002 година, каде што во паралелен велеслалом го освоил 24. место.
🚨 BREAKING: AG Pam Bondi announces the reward for Ryan Wedding is now $15 Million Dollars pic.twitter.com/tSD9wr470P
— Alec Lace (@AlecLace) November 19, 2025
Неговиот раскошен начин на живот, меѓутоа, бил финансиран со нелегални активности. Првиот голем „бизнис“ бил масовен одгледувачки проект за марихуана на имот наречен „Eighteen Carrot Farms“. Полицијата во 2006 година таму пронашла речиси 7000 стебла канабис вредни околу 10 милиони долари, но немало доволно докази за да се подигне обвинение против Вединг. Клучен пресврт настанал во 2008 година кога бил уапсен во Сан Диего, обидувајќи се да купи голема количина кокаин од прикриен агент. Бил осуден на четири години затвор — период што, наместо да го поправи, станал негов „дипломски труд“ во организираниот криминал. Таму, според истражителите, воспоставил врски со членови на мексиканските картели, подготвувајќи се да се врати како многу поопасен играч.
По излегувањето од затвор, Вединг исчезнал од Канада. Властите веруваат дека се преселил во Мексико и, користејќи ги затворските контакти, брзо се искачил во хиерархијата на озлогласениот картел Синалоа. Станал познат под прекарите „El Jefe“ („Шефот“), „Giant“ („Џин“) и „Public Enemy“ („Јавен непријател“). Американското Министерство за правда тврди дека Вединг изградил една од најмоќните и најнасилни организации за трговија со дрога во светот. Во рамки на операцијата со кодно име „Giant Slalom“ („Велеслалом“), истражителите откриле дека неговата мрежа годишно шверцува околу 60 тони кокаин од Колумбија, преку Мексико и јужна Калифорнија, до Канада и други пазари. Организацијата користела софистицирани методи — камиони со тајни прегради, перење пари преку криптовалути и комуникација преку шифрирани апликации како „Threema“.

Обвиненијата не запираат само на дрога. Вединг се товари и за серија брутални нарачани убиства. Меѓу најстрашните е ликвидацијата на брачниот пар Јагтар и Харбхаџан Сидху во ноември 2023 година во Онтарио. Се верува дека тие биле жртви на погрешен идентитет — убиени по грешка, бидејќи таргетот бил претходен станар на истата адреса, поврзан со украдена пратка на дрога. Вединг е обвинет и за нарачување на убиството на Ренди Фејдер во април 2024 година, поради долг поврзан со дрога.
Последниот чин што ги шокирал истражителите било убиството на клучниот сведок Џонатан Ацебедо-Гарсија во јануари годинава. Тој бил убиен во ресторан во Меделин, Колумбија, откако Вединг наводно објавил фотографии од сведокот и неговата сопруга на лажна „news“ страница за да го лоцира. Властите неодамна го уапсија и неговиот канадски адвокат, Дипак Парадкар, под сомнение дека му дал совет да „го убие сведокот за случајот да пропадне“.

Поради тежината на случаите, во март 2025 година Вединг е додаден на листата на десетте најбарани бегалци на ФБИ. Меѓународната потрага е во полн ек, а американските, канадските и мексиканските власти работат заедно со цел да го изведат пред правдата. Момчето со олимписки соништа денес е лик од потерница — симбол за тоа како патот до славата може да се претвори во стрмоглав пад во најмрачните длабочини на криминалот.










