Куртоа откри дали би го поздравил Јамал на улица по инцидентот на „Ел Класико“

Дерби

20/11/2025

11:15

137

Големина на фонт

а а а

Тибо Куртоа е гаранција на голот на Реал Мадрид и со години наназад важи за еден од најдобрите во светот, статус кој прави да има голема самодоверба во дуелите на теренот, но и при средбите кои ги има со претставниците на седмата сила.

Куртоа е познат како фудбалер кој секогаш говори отворено и без влакна на јазикот, па така во последниот разговор за „Кадена Копе“ даде свое видување за последните „Ел Класико“ препирки на теренот.

Ламин Јамал ја зовре атмосферата со своите изјави пред натпреварот, а откако Реал победи на дербито, неколку искусни фудбалери му фаќаа сеир на Шпанецот, меѓу кои и Куртоа.

– За мене Ламин е голем играч и тој ќе биде фудбалер кој ќе одбележи една ера во Барселона. Сепак, сметам дека самиот си создаде проблем со начинот на кој зборуваше, го „вжешти“ натпреварот и со своите зборови ја разбранува јавноста.

– На крајот на едно дерби, пулсот ви е навистина висок и до израз доаѓа адреналинот. Уште повеќе кога станува збор за „Ел Класико“, но понекогаш е потребен таков амбиент за да го извадите најдоброто од себе. Загубивме четири пати од нив минатата сезона и потребен ни беше тој жар и тој симбол на непријателство. Потребно ни беше тоа, бидејќи тие не покажаа респект кога не победуваа минатата сезона, – изјави Куртоа, кој за крај заклучи.

– Сепак, приказната завршува таму, на теренот. Сигурен сум дека кога Карвахал и Хаусен ќе се сретнат утре со Јамал во репрезентацијата, нема да имаат никакви проблеми. Тоа се работи кои остануваат на теренот. Ако утре го видам на улица или во ресторан, ќе го поздравам. Нема никаков проблем меѓу мене и него. „Ел Класико“ е доволна мотивација само по себе, но кога слушате такви изјави, уште повеќе се мотивирате, – заврши Куртоа.