Во денешната „вистинска приказна“, Ели Пешева ни дозволува да влеземе во еден од најкревките делови од нејзиниот живот.
Со искреност што ретко се среќава, таа нè води низ миговите кои ја обликувале како личност - од денот кога ненадејно го загубила татко ѝ, до долгогодишната борба со стравот од напуштање, контрола и невидливите оклопи што ги градиме околу себе. Но ова е и приказна за љубов, за градење спомени, за пуштање, за луѓето што остануваат… и за нејзината најголема слобода.

Вистинската приказна на Ели Пешева.
Денот кој променил сè
„Татко ми почина кога имав 16 години. Утрото излегол од работа за да ја носи мајка ми на чорба (викаше тафталиџански манири не се учат, или ги имаш или никад нема да те биде), попладнето го минавме сите заедно, се смеевме... пола саат покасно, лежеше во скутот на мајка ми, ме држеше мене за рака и без ниту еден збор, само со поглед се поздрави со нас. Нѐ остави во една минута“.

Тоа момент ја шокирал, парализирал, но истовремено и ѝ ја покажал кршливоста и убавината на животот. Таа се потсетува на човекот кој бил светлина во секојдневието: весел, добродушен, душа од човек, секогаш подготвен за шеги, за дружби, за смеење.

„Во моментот кога тој ќе почнеше да раскажува, се сеќавам како сите други бришат солзи од смеење. Верувам дека ја имам наследено смислата за хумор од него“.
Нејзиниот однос со таткото останува жив во сеќавањата: „Не можам да се сетам на еден лош момент заедно, а го помислувам секој ден, и повеќе од 30 години подоцна. Ја обожаваше мајка ми, навиваше за мене во секоја ситуација, отворено или кога мислеше дека не го слушам“.

Тишината на загубата
Неговото нагло заминување прво ја оставило во шок, потоа во тага. Ели вели дека тогаш се зборувало малку за тоа што значи еден тинејџер да го држи родителот додека умира. „Мислевме дека некако тоа е дел од животот, неправда. Дека животот не е фер“.
Подоцна, се соочила со други збогувања - некои луѓе заминувале од животот, некои се преселувале далеку. „И ден денес моите најблиски и најверни другар(к)и живеат на други континенти. Нивните преселби сум ги доживувала длабоко емотивно и лично“.

Дури и најобичните телефонски разговори со семејството станале начин да се увери дека се добро: „Со годините сум го создала стравот од нагло напуштање... Не страв дека ќе останам сама, туку дека нема да можам да ги видам или да им кажам колку ги сакам“.
Невидлив товар
Ели признава дека стравот преминал во обид да контролира сè околу себе. Многу години, и часови разговори со нејзината психотерапевтка ѝ помогнале да разбере дека иако ужива во животот, во малите задоволства, во семејството, пријателите, работата и патувањата, секогаш носела невидлив оклоп - заштита од имагинарна загуба.

„Кога станав свесна за тоа, почнав да работам на начинот на кој премислувам и создавам нереални сценарија. И реалноста е прилично јасна: работите се менуваат, луѓето доаѓаат и заминуваат... На повеќето ситуации и туѓи одлуки не можам да влијаам, но можам да ја контролирам мојата реакција, моето доживување, моите емоции“.
Љубовта како секојдневен избор
За Ели, љубовта не е само чувство, туку дело - секојдневно и свесно, за саканите, за најблиските.

„Да ги паметам и да ме паметат по добро, по љубов, по смеење, да се цитираме како да сме карактери од вицови. И да им кажувам дека ги сакам, дека ми е убаво со нив, дека сум ги помислила, дека се радувам на моментите заедно, дека сум им купила ситница без причина, сум им пратила смешка која само ние си ја разбираме“.

Ултимативната слобода - да пуштиш
„И научив дека морам да пуштам, да ги пуштам тие на кои сум им too much да си заминат, и за тие што го сакаат мојот muchism да има повеќе место“.

Малкумина реагираат негативно на пружена љубов, а она што го добива назад: „те сакам, ми фалиш, мислам на тебе, едвај те чекам“, ја потврдува вистината дека љубовта е двонасочна. И тоа чувство, да се биде без ирационален страв, за неа е ултимативната слобода.
Кој е ликот зад приказната?
Ели Пешева е новинарка, уредник и авторка на Reality Check, емисија што се гледа на Јутјуб.

Љубопитна за светот околу себе, фасцинирана од човечкото однесување, новите технологии и научната фантастика, таа го комбинира хуморот, љубовта и вниманието со детали во секојдневието. Се смирува со музика и кучиња, ја расположуваат семејните разговори, ја возбудуваат патувањата и концертите, а хуморот за неа е вистинска суперсила што ја носи низ животот.
Автор: Ц.Н.









