Редок случај: Маж во Турција мора да ѝ плаќа алиментација на поранешната сопруга за нивните мачки

Точка

17/11/2025

21:02

336

Големина на фонт

а а а

Семејниот суд во Истанбул донесе ретка пресуда со која поранешниот сопруг е обврзан да ѝ плаќа на поранешната сопруга 10.000 турски лири (околу 180 фунти) на секои три месеци, за таа да се грижи за нивните две мачки.

Оваа одлука е дел од разводната пресуда и би можела да послужи како преседан за идни договори за грижата за домашни миленици.

Така, Бугра Б. во наредните десет години финансиски ќе ги поддржува мачките, кои ќе живеат со поранешната сопруга Езги Б. Плаќањата ќе се зголемуваат секоја година во согласност со Индексот на потрошувачки цени.


Парот се развел по две години брак поради „тешка неспојливост“. Освен поддршката за мачките, поранешниот сопруг на поранешната сопруга ќе ѝ исплати и 550.000 лири (околу 10.000 фунти).

Според турскиот закон, домашните миленици се третираат како подвижен имот, а последните судски одлуки им овозможија на судовите да одобруваат договори за старателство, грижа и финансиска поддршка за животните по развод. Овој случај е особено значаен бидејќи воведува структуирана, долгорочна финансиска поддршка за милениците.


Турција има милионска популација напуштени животни, вклучително и околу 4 милиони улични кучиња. Во јули минатата година, парламентот донесе закон со кој напуштените кучиња треба да се сместуваат во прифатилишта, и покрај критиките од опозицијата. Новите прописи предвидуваат дека кучињата кои покажуваат агресивно однесување или имаат неизлечливи болести ќе бидат евтаназирани.

Слични случаи се забележани и во други земји. Во Индија, сопружници се развеле затоа што нивното куче и мачка не можеле да живеат заедно. Парот поминал судски пропишана терапија, а за време на советувањето сопругата тврдела дека кучето на сопругот ја напаѓало и вознемирувало, правејќи го животот на нејзината мачка неподнослив.