Њукасл имаше исторска 2024/2025 во која по долго време успеа да освои трофеј (Лига Купот), а воедно преку квалитетниот настап во Премиер лигата обезбеди пласман во групната фаза на Лигата на шампионите.
Меѓутоа во тековнава кампања Њукасл се мачи во домашниот шампионат и со 12 бода е дури на 14 позиција на табелата што дефинитивно е загрижувачки. Тимот има само три победи на единесет средби во првенството што е далеку од она што се очекуваше и веќе има одреден притисок кон менаџерот Еди Хау без разлика на се што досега направи добро за клубот.
Легендата на „страчките“, Алан Ширер максимално е зад Хау, а притоа посочи кој за него е сериозен проблем во овој момент-тоа е летното засилување Ник Волтемаде.
- Претпоставувам дека менаџерот е секогаш под притисок да постигне резултати, но мислам дека работата што ја заврши Еди Хау во Њукасл и она што го испорача во Карабао Купот, трофејот, претпоставувам дека има многу поени во „банката“. Она што би го разгледал е дека тимот на Еди, Њукасл, отсекогаш бил полн со енергија, бил тежок за играње, не му давал простор на противникот. Тоа недостасува во настапите на гости, па дури и на домашен терен. Она што ми недостасува е високиот пресинг и енергијата.
- И претходно кажав дека колку и да е добар Ник Волтемаде со топката во нозе, тој е проблем за Њукасл бидејќи не е најбрз, не може да притиска и не трча позади. Тимовите на Еди отсекогаш го правеле тоа. Погледнете што направи Александар Исак или погледнете што направи Калум Вилсон, сите притискаа и трчаа позади. Но, овој човек не може да го направи тоа, а тоа е проблем за Њукасл, - смета Ширер.
Њукасл плати огромна сума на пари за Германецот кој во Премиер лигата има учинок од 4 гола на 8 средби или севкупно на 14 меча има 6 погодоци што не е лош учинок, ама ќе мора дополнително да и помогне на екипата.







