Дијамант со живописно сина боја, тежок 9,51 карат, кој претходно ѝ припаѓал на Рејчел Бани Мелон, аристократка, филантропка, колекционерка на уметнички дела и блиска пријателка на поранешната прва дама на САД Жаклин Џеки Кенеди, е продаден во Женева, Швајцарија, за 25,6 милиони долари, објави аукциската куќа „Кристи“, јавува Хина.
Дијамантот го носи името на поранешната сопственичка
Женевската филијала на „Кристи“ го понудила скапоцениот камен на аукција како дел од продажбата организирана под називот „Величествени скапоцености“ во хотелот „Ди Берге“, која продолжува и денеска.
Беспрекорно изработениот дијамант во облик на круша е именуван „Мелон син“ (Mellon Blue) по неговата поранешна сопственичка. Мелон била и страсна, самоука хортикултуристка која потекнувала од богато семејство и се омажила за член на банкарското семејство Мелон. Едно од нејзините наследства било реновирањето на Градината со рози на Белата куќа во текот на администрацијата на Кенеди, која американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја реновираше оваа година.
Дијамантот последен пат беше јавно виден во 2014 година, кога беше понуден на аукција во Њујорк по нејзината смрт на 103-годишна возраст, за повеќе од 32 милиони долари. Во тоа време, тоа беше највисоката сума платена некогаш за еден дијамант во боја, рекле од „Кристи“, додавајќи дека светскиот рекорд за син дијамант го држи „Опенхајмер сино“ (Oppenheimer Blue), продаден во Женева во 2016 година за повеќе од 57 милиони долари.
Исклучителен камен
Рахул Кадакија, кој ја водел продажбата, рекол дека цената е доказ за „интересот на елитата меѓу колекционерите за извонредни и славни скапоцени камења“.
„Мелон блу“ е исклучителен камен – рекол Макс Фосет, раководител на одделот за накит во „Кристи“ во Женева, додавајќи дека тој станал и повеќе од тоа – симбол на начинот на живот на минатите времиња.
„Но, геополитичките тензии… и ослабената кинеска економија резултираа со тоа што многу од нашите редовни клиенти се многу воздржани и претпазливи. Дали оваа воздржаност ќе продолжи и во остатокот од сезоната на аукции во Женева, останува да се види“, рекол тој.
„Сотбис“ денеска ја одржува својата годишна аукција на кралски и благороднички скапоцености во Женева.









