Морничави признанија на актерката која вовлекувала жени во култ: „Бев бесчувствителна“

Точка

12/11/2025

09:15

915

Големина на фонт

а а а

Актерката Алисон Мек (43), најпозната по улогата во серијата „Smallville“, за првпат посериозно проговори за својата улога во озлогласениот култ „NXIVM“, и тоа во нов, веќе многу контроверзен документарец.

Мек во 2021 година беше осудена на затворска казна поради учество во култот кој функционирал според принципот „господар и роб“, а сега јавно проговори за своите постапки и одговорност.

Нејзината улога во култот

Мек била една од највисоко рангираните членки на „NXIVM“ – организација што се претставувала како група за самопомош и личен развој, но во суштина се занимавала со трговија со луѓе, жигосувајќи жени со иницијалите на лидерот Кит Раниер и присилувајќи ги да станат сексуални робинки.

Поради рекетирање и заговор, Мек во 2021 година беше осудена на три години затвор, а на слобода е пуштена во 2023 година, по нешто повеќе од две години поминати зад решетки. Раниер, водачот на култот, е осуден на 120 години затвор.


Судските документи откриваат дека Мек била една од „господарките“ во тајната подгрупа „DOS“, каде што имала задача да регрутира нови „робинки“. На младите жени „DOS“ им се претставувала како некакво женско сестринство, програма за зајакнување на жените, при што ја криела вистинската улога на Раниер.

Во писмото што го испратила до судот пред изрекувањето на пресудата, Мек им се извинила на жртвите:

„Целосно се посветив на учењата на Кит Раниер. Со цело срце верував дека неговото менторство ме води кон подобра, просветлена верзија од себеси... Тоа беше најголемата грешка и најголемото жалење во мојот живот. Жал ми е за сите вас што ве доведов во ‘NXIVM’.“

Шокантни признанија во поткастот

Во поткаст-серијата од 7 дела, „Allison After NXIVM“, 43-годишната актерка открива низа болни и искрени признанија за своето однесување и улога во култот. Вели дека понекогаш свесно ги игнорирала случувањата околу себе:

„Намерно се воздржував од слушање работи кои би ми биле непријатни“.

Таа нагласува дека се чувствува виновна и признава дека својата слава ја користела како „алатка на моќта за да ги натера луѓето да прават што таа сакала“. Себеси се опишува како „бесчувствителна“ и „емоционално агресивна“.

„Ги натерав луѓето да се чувствуваат како да немаат избор, ги злоупотребував и им нанесував трауми“.


Говорејќи за обвиненијата дека активно му помагала на Раниер, Мек вели дека „100 проценти од сите тие обвиненија се вистинити“.

Истовремено, се обидува да го објасни својот внатрешен конфликт, тврдејќи дека била и сторител и личност која, барем во својата глава, имала „добри намери“.

„Вистина е дека ја злоупотребував мојата моќ. Но, исто така не можам да го игнорирам фактот дека дел од мене беше алтруистички и очајно сакаше да им помогне на луѓето. Сакав да бидам подобра и бев подготвена да направам сè за да станам подобра верзија од себе и да им помогнам на другите да бидат подобри“.

Додава дека и двете страни на нејзината личност – манипулативната и насилната, но и онаа која верува дека помага – се вистинити истовремено.

Поделени реакции во јавноста

Нејзиниот настап во поткастот предизвика силни реакции на социјалните мрежи. Една од жртвите на култот претходно ја опишала Мек како „најхаризматичната соработничка што некој можел да ја посака“, но истовремено ја обвинила дека била „нехумана“ кон членките.


Многу корисници на социјалните мрежи изразија отворен презир. Еден коментирал дека „апсолутно нема никакво сочувство за неа и за луѓето како неа“, додека друг додал дека нејзината „болка и страдање не се ништо во споредба со она што им го нанела на другите“.

Сепак, дел од коментаторите се обидуваат да ја согледаат комплексноста на динамиката во рамките на култовите:

„Култовите имаат и сторители и жртви. Поголемиот дел од луѓето во нив, во одредена мера, се и едното и другото“, стои во еден од коментарите на „Reddit“.