Зинедин Зидан, легендарниот француски фудбалер, би можел да се врати на тренерската работа. Кога неодамна се појави во Тулон на натпреварот на легендите и беше прашан кога ќе се врати на тренерската клупа, Зидан одговори: „Наскоро, се надевам“.
Откако го напушти Реал Мадрид во 2021 година, Зидан е без работа, ги одби сите понуди. Неговото име постојано се поврзуваше со неколку големи клубови, вклучувајќи ги Пари Сен Жермен, Јувентус и репрезентацијата на Бразил.
Тој се смета за главен кандидат да го наследи Дидие Дешамп на клупата на француската репрезентација по Светското првенство во 2026 година.
Зинедин Зидан ја започна својата тренерска кариера во Реал Мадрид, каде што го водеше првиот тим од јануари 2016 до 2018 година. Во тој период, тој освои три последователни Лиги на шампиони на УЕФА (2016, 2017 и 2018), две титули во Европскиот Суперкуп (2016, 2017), две светски клупски првенства (2016, 2017) и шпанското првенство во сезоната 2016/17.
Во 2019 година, тој се врати како тренер на Реал, а до 2021 година освои уште една титула во Ла Лига (2019/20). Неговиот стил на лидерство е препознаен по неговиот успех во најголемите натпревари и импресивните резултати на клупско и европско ниво.







