Ова е новиот „Peugeot 208“ – дали ви се допаѓа?

Точка

05/11/2025

16:32

653

Големина на фонт

а а а

„Peugeot“ го претстави својот нов футуристички концептен автомобил, наречен „Polygon“, кој дава прв поглед во дизајнот и технологиите на следната генерација на моделот „208“.

Овој концепт, како што вели францускиот производител, претставува „мачји футуристички дизајн“ и е насочен кон прикажување на иновативните технолошки решенија што ќе бидат дел од идните сериски модели на брендот.

Иако засега е објавена само една фотографија, во пресрет на официјалната премиера најавена за следната среда, веќе е јасно дека третата генерација на „Peugeot 208“ ќе биде драстично поразлична од актуелниот модел.


Нов дизајнерски правец

Иако ќе биде ублажен за сериско производство, монолитната силуета и нагласените аеродинамични линии од концептот ќе станат препознатлив белег на новиот дизајнерски јазик на „Peugeot“.

„Polygon“ истовремено го најавува и изгледот на идните ентериери, вклучувајќи речиси сериска верзија на правоаголниот „Hypersquare“ волан.

Овој радикален дизајн првпат беше претставен на концептот „Inception“ од 2023 година, кој очигледно послужил како вдахновение за новиот модел.

Технологија „Steer-by-wire“ и нов „i-Cockpit“

„Hypersquare“ користи „steer-by-wire“ технологија, што значи дека управувањето повеќе не е механички поврзано со тркалата, туку се врши електронски.

Ова ќе биде првпат возило од групацијата „Stellantis“ да користи ваков систем.

Извршниот директор на „Peugeot“, Ален Фавеј, изјави дека ова претставува „следниот чекор во развојот на ’i-Cockpit‘“, препознатливиот концепт на внатрешен дизајн кај „Peugeot“, кој се карактеризира со мал волан поставен ниско под инструментите.

Новиот систем, кој по „208“ ќе биде применет и кај други модели на марката, овозможува поголема агилност и единствено чувство при возење, истакна Фавеј.


Внатрешност инспирирана од иднината

„Polygon“ ќе располага и со 21-инчен „лебдечки“ дисплеј, најверојатно истиот закривен инфотејнмент екран што се користи во новиот модел „Peugeot 3008“.

Ова укажува дека внатрешноста на концептот е многу блиска до сериската верзија, што навестува дека новиот „208“ ќе комбинира технологија на иднината со препознатливиот француски шарм.