Професорот по физика, Брајан Кокс, го споделил своето мислење за тоа што всушност се случува кога умираме, и тоа преку интересна аналогија.
Физичарот зборувал на оваа тема и порано, меѓу другото во емисијата на Џо Роган, кога ги објаснувал четирите основни сили на природата: гравитација, јаката и слабата нуклеарна сила и електромагнетизмот.
Кокс никогаш не се плашел да зборува за контроверзни научни прашања, на пример неодамна, повикувајќи се на „доверливи извори“, ги оспорил тврдењата дека небесниот објект 3I/ATLAS би можел да биде вонземјански брод, како што предложил еден харвардски астроном.
Познат е и по своето силно противење на теоријата дека Земјата е рамна плоча, и често на социјалните мрежи коментира актуелни научни теми и дава свое стручно мислење.

Говорејќи претходно за тоа што се случува по смртта, Кокс во подкастот на Роган истакнал дека научниците сè уште не ја откриле петтата сила на природата и дека моментално ништо не укажува на постоење на нешто што би можело поинаку да делува врз материјата.
„Ако сакате да тврдите дека постои уште нешто што силно влијае на материјата, јас би рекол дека тоа е исклучено. Или е толку суптилно што би било речиси невозможно да се измисли теорија за некаква ‘супстанца’ во нашите тела, а да не ја откривме преку постојните експерименти,“ објаснил тогаш.
Неодамна, гостувајќи во подкастот „Happy Place“ на водителката Ферн Котн, тој дал ново гледиште за прашањето што ни се случува по смртта.
Водителката го прашала: „Што се случува кога умираме, каде оди нашата енергија?“.
Кокс одговорил: „Што всушност е животот? Одговорот е дека тоа сè уште не го знаеме.“
Потоа објаснил дека физичарот Ервин Шредингер уште во 1944 година, во книгата „What Is Life? The Physical Aspect of the Living Cell,“ предвидел постоење на ДНК, многу пред таа да биде откриена. Неговиот колега, генетичарот Пол Њурс, кој го води Институтот Френсис Крик во Лондон, неодамна напишал книга со истото име, и ни таа не дава конечен одговор.
Но, Кокс истакнува дека сепак можеме да дефинираме некои работи:
„Постои енергија – ток на енергија. Всушност, ние согоруваме храна во присуство на кислород, и кога тоа престанува, ние умираме. Како и парната машина, и ние функционираме благодарение на енергијата. Покрај тоа, постои и компонентата на информации – нашиот организам постојано обработува податоци. Значи, животот е комбинација од енергија и информации.“
Потоа додал една аналогија: „Ние сме, во суштина, како компјутерски уред. Почитуваме основни физички закони – мора да постои извор на енергија, мора да постои структура која функционира, и додека тоа постои, ‘машината’ работи. Кога ќе престане, како вашиот iPhone кога ќе му се извади батеријата, престанува и процесот на информациите.“
Иако, како што вели, телефонот може повторно да се наполни, животот не функционира така.
„Животот се одвива според законите на физиката и затоа е дел од физичкиот универзум,“ објаснува Кокс, заклучувајќи дека не постои реален начин нашата свест да опстои откако телото ќе престане да функционира.
„Не постои замислив механизам со кој нашето свесно искуство би можело да продолжи кога машината ќе застане,“ рекол тој, додавајќи дека самиот факт дека сме свесни е „извонредно чудо на физиката“.















