Кина е позната по своите инфраструктурни проекти, како најголемата брана во светот, најдолгата мрежа на брзи железници, најголемата ветроелектрана …
Со истото темпо со кое градат, Кинезите со децении се обидуваат и да ја „изградат“ природата.
Амбициозен проект
Имено, Кина во 1978 година започна амбициозен проект за пошумување, познат како „Големиот зелен ѕид“, со цел да се намали ерозијата на почвата и да се ублажат пустинските бури.
Според податоците на агенцијата „Reuters“, Кина засадила околу 300.000 км2 шуми (што одговара на приближно 30 милиони хектари). Со тоа, вкупната пошуменост на земјата е зголемена од околу 10% (во 1949 година) на приближно 25% (во 2024 година).
Според одредени проценки, Кина од почетокот на 1980-тите засадила околу 78 милијарди дрвја.
Сепак, нова студија објавена во 2025 година во научното списание „Earth’s Future“ укажува дека масовното пошумување имало и непланирани последици – особено кога станува збор за распределбата на водата.

Промени во два клучни региона?
Истражувачи од Универзитетот во Тјенцин, Земјоделскиот универзитет во Пекинг и Универзитетот во Утрехт ги анализирале промените во периодот од 2001 до 2020 година.
Резултатите покажуваат дека зголемувањето на вегетацијата довело до намалување на водните ресурси во два клучни региона:
• источниот монсунски регион;
• северозападниот сушен регион.
Овие региони заедно опфаќаат околу 74% од територијата на Кина, што го прави овој наод особено значаен, пренесува „Live Science“.

„Овие промени доведоа до …“
Главната причина лежи во процесот познат како еватранспирација – комбинација од испарување и транспирација, односно ослободување водена пареа од растенијата.
„Овие промени доведоа до прераспределба на врнежите, насочувајќи повеќе влага кон Тибетската висорамнина, каде што е забележан пораст на достапноста на вода“, наведуваат авторите.
„Наспроти тоа, источна и северозападна Кина се соочуваат со намалување на водните ресурси, при што северозападот е најпогоден поради пренасочувањето на влагата кон Тибетската висорамнина“, се додава во студијата.
Авторите истакнуваат дека идните проекти за пошумување ќе мора многу повнимателно да го земат предвид влијанието врз водните ресурси, пренесува „Popular Mechanics“.
„Нашите наоди покажуваат дека промените во покриеноста на земјиштето можат да ја прераспределат водата меѓу регионите. Разбирањето на овие ефекти е клучно за одржливо управување со земјиштето и водата во Кина“, се наведува.







