Куп натпреварувањата низ Европа често носат најубави фудбалски приказни, бидејќи аматерските клубови добиваат можност да се соочат со професионални екипи, па дури и со најголемите. Овојпат, херојот на неделата доаѓа од Холандија.
Станува збор за четвртолигашот Хугевен, аматерски клуб кој приреди сензација совладувајќи го професионалниот Емен – чест учесник во холандската Ередивизија, кој денес настапува во вториот ранг на натпреварување.
Натпреварот од Купот заврши со победа од 1:0 за домашниот Хугевен, но тоа не е најфасцинантната работа што се случи на овој меч.
Верувале или не, фудбалерот Герсом Клок, кој ги одигра сите 90 минути за Хугевен и го елиминираше Емен, всушност е вработен токму во клубот кој го исфрли.
Клок (35) игра за аматерскиот Хугевен од љубов кон фудбалот, а истовремено е дел од стручниот штаб на Емен, каде што работи како кондициски тренер.
Така, овој искусен фудбалер го елиминираше клубот во кој е вработен, играјќи без никаков паричен надомест за аматерскиот клуб.

„Ова е историски момент за клубот, а јас сум сега дел од тоа“, изјави Клок подоцна за „ESPN“.
Самиот одбранбен играч некогаш беше промовиран во Ередивизија со Емен, каде што настапуваше професионално и одигра 17 натпревари во највисоката холандска лига во сезоната 2018/19. Откако го напушти Емен, Клок пет години играше во третата холандска лига, пред летово да му се приклучи на Хугевен – како некој вид спореден играч, без парична надомест.











