Германската автоиндустрија го преспа клучниот момент: Најважниот пазар ѝ се лизна од рацете

Точка

30/10/2025

13:45

1.049

Големина на фонт

а а а

Германските автомобилски гиганти – „Volkswagen“, „BMW“ и „Mercedes“ – се соочуваат со болна реалност: додека нивната продажба во Кина драматично опаѓа, целосно го пропуштија најбрзо растечкиот автомобилски пазар во светот – Индија.

Улиците на индиските мегаградови – Мумбај, Делхи, Џајпур – се хаотични, бучни и преполни со возила кои се пробиваат низ густ сообраќај, често и во спротивна насока.

На патиштата има сè – од автомобили со гребнатини до крави кои мирно стојат среде коловозот. Но, една работа веднаш паѓа во очи: индиските сообраќајници се доминирани од јапонски и корејски брендови – „Suzuki“, „Hyundai“, „Toyota“ и „Kia“ – додека автомобилите на домашни производители како „Mahindra“ се ретка појава. А германските автомобили? Вистинска реткост.

Тоа скромнo присуство на потконтинентот сега Германија го плаќа скапо. Додека кинескиот пазар, кој некогаш беше најпрофитабилен за европските производители, нагло слабее, кинеските електрични автомобили истовремено го освојуваат светот и стануваат рамноправна конкуренција. Во САД, дополнителна неизвесност создава непредвидливата трговска политика на претседателот Доналд Трамп.


Од друга страна, Индија можеше да биде идеална компензација за европските производители – огромен и растечки пазар со се побогата средна класа и домашна индустрија што забрзано ја модернизира својата продукција. Но, наместо да ја искористат шансата, германските производители со години двоумеа, додека нивните азиски конкуренти – „Suzuki“, „Hyundai“, „Toyota“ и „Kia“ – тивко, но решително ги прошируваа своите погони низ целата земја.

Сателитските снимки на индустриските зони, кои ги објави германскиот портал „WiWo“ во соработка со стартапот „LiveEO“, покажуваат дека токму тие компании постојано отвораат нови фабрики и производствени линии.


Трет најголем автомобилски пазар во светот

Денес Индија е, по Кина и Соединетите Американски Држави, третиот најголем автомобилски пазар во светот – и воедно оној што најбрзо расте. Бројот на произведени возила се зголемил од 3,4 милиони во 2019 година на 5 милиони во 2024, а според прогнозите, до 2030 година производството би можело да достигне 10 милиони автомобили годишно.

Уште во 2021 година, Индија ја престигна Германија по обем на автомобилска продукција.


„Ако се прашувате каде автомобилската индустрија денес може да расте – тоа е Индија, можеби уште Виетнам“, изјави Петер Финтл, потпретседател за технологија и иновации во консултантската компанија „Capgemini“ и долгогодишен познавач на индискиот пазар.

Неговите зборови совршено ја сумираат реалноста: Германија го преспа моментот кога светската автомобилска карта се прераспредели. Додека германските компании беа фокусирани на опстанок во Кина и на енергетската транзиција дома, Индија тивко се претвори во ново глобално средиште на производство, истражување и раст.