Болно грло, течење на носот, засипнатост... Докторите објаснуваат како да ја разликувате новата варијанта на Ковид од обичната настинка

Точка

28/10/2025

19:56

1.371

Големина на фонт

а а а

Без оглед на тоа дали сте на работа, во јавен превоз или дома, вирусите кружат насекаде околу нас.

Со оглед на тоа што моментално владеат нови варијанти на коронавирус, многумина се прашуваат дали болното грло или течењето нос е знак за настинка или зараза со коронавирус?

Што ја предизвикува настинката, а што коронавирусот?

„Настинката ја предизвикуваат низа различни вируси, но најчест е риновирусот којшто настанува во носот и грлото“, објаснува д-р Чун Танг од приватната клиника „Pall Mall Medical“ во Велика Британија, па додава:

„Од друга страна, Ковидот го предизвикува само еден вирус – SARS-CoV-2 којшто спаѓа во семејството коронавируси“.

И двата вируси го напаѓаат респираторниот систем, но Ковидот често оди подлабоко, може да ги зафати белите дробови, па дури и другите органи.


Кои се новите варијанти на Ковид и по што се разликуваат?

Најновите варијанти на омикрон сојот кои моментално се шират се Stratus (XFG) и Nimbus (NB. 1.8.1).

Варијантата Stratus често се поврзува со засипнатост и јак умор додека пак Nimbus предизвикува чувство како да имате „жител во грлото“, понекогаш и стомачни тегоби како мачнини и надуеност“, појаснува проф. д-р Бруно Силвестер Лопес, микробиолог од Универзитетот „Teesside“ во Велика Британија.

И двете варијанти се многу заразни, но според зборовите на експертите не се поопасни од претходните соеви.

Како се пренесуваат Ковидот и настинката?

„И двете болести се пренесуваа по пат на капки – со кашлање, кивање или при разговор во непосредна близина на друга личност“, вели д-р Танг и додава:

„Разликата е во тоа што Ковидот може да се шири и преку аеросолите, ситни честички кои остануваат во воздухот, особено во затворени или слабо проветрени простории“.

Со други зборови, за зараза со настинка вообичаено е потребен близок контакт, додека пак Ковидот може да се пренесе дури и доколку сте неколку метри оддалечени од заразена личност.


Кои се симптомите и како да ги разликувате?

Симптомите често се поклопуваат, па понекогаш тешко е да направите разлика. Настинката и Ковидот може да предизвикаат болка во грлото, затнат нос, кивање и кашлање.

Сепак, Ковидот почесто носи и зголемена телесна температура, изразен умор, болки во мускулите и карактеристично губење на сетилото за мирис и вкус, иако тоа поретко се појавува кај новите варијанти.

„Ковидот вообичаено повеќе ве исцрпува, како да ве прегазил камион, додека пак настинката не го прави тоа“, вели Танг.

Колку траат симптомите?

Симптомите на настинка вообичаено траат од една седмица до десет дена“, објаснува проф. д-р Лопес и наведува:

„Кај Ковидот може да траат и до две седмици, а кај некои луѓе и подолго, понекогаш дури и со месеци“.

Ковидот, додава тој, може да предизвика и посериозни компликации како воспаление на белите дробови или т.н. долг ковид којшто влијае на вашите органи, а не само на респираторниот систем.

Како се лекуваат настинката и Ковидот?

Настинката вообичаено се лекува со одмор, внес на течности и лекови без рецепт – како парацетамол.

Благите случаи на Ковид се третираат слично, но лицата кои спаѓаат во ризични групи можат да добијат и антивирусни лекови на рецепт.


Кога да се тестирате на Ковид?

„Тестирајте се доколку не се чувствувате добро, особено доколку работите со ранливи групи на луѓе – во здравство, домови за стари лица или ако живеете со некој којшто има слаб имунитет“, советува Танг.

Брзите антигенски тестови се достапни и во аптеките, по пат на интернет или бесплатно на одредени работни места и во локалните центри.

„Тестирањето ви помага да одлучите дали треба да останете дома и да спречите ширење на заразата“, вели тој.

Како да се заштитите од зараза во сезоната на вируси?

Мијте ги рацете редовно и проветрувајте простории.

Избегнувајте близок контакт со лица кои се болни.

Доколку не се чувствувате добро, останете дома и одмарајте.

Редовно вежбајте, спијте доволно и јадете избалансирана храна.

Најважно – вакцината против најновите варијанти на Ковид дава најдобра заштита.