Доколку сте подготвени да истражите градови каков што е Венеција, Тревизо би можел многу пријатно да ве изненади.
Венеција е надалеку позната по своите шармантни канали, гондоли и прекрасни историски комплекси, но Италија има град којшто се нарекува мала Венеција и не е толку преплавен со туристи.
Точно е дека Венеција е еден од најубавите градови на планетата, но речиси секогаш е преполн со туристи, што умее да го расипе впечатокот за градот. Доколку сте подготвени да истражите нешто слично, Тревизо би можел пријатно да ве изненади.

Овој град за којшто велат дека е родното место на тирамисуто и просекото, е тивка алтернатива која патниците често ја занемаруваат во потрага по познатите дестинации.
Оддалечен на само 45 минути од Венеција со автомобил или воз, Тревизо нуди убавина и типичен италијански шарм, само без метеж.
Тревизо е прогласен за европски „зелен град за 2025 година“, што говори за тоа колку напори се вложени во промоција на одржливоста.
За разлика од Венеција која се соочува со критиките поради прекумерниот туризам и загадување, Тревизо е во помирен и позелен дух.
Градот претворил напуштена депонија во соларен парк, го преобликувал својот систем на канали заради подобрување на квалитетот на водата и започнал проекти за зачувување на биодиверзитетот и чистење на воздухот, пренесува „BBC“.
Откако ја започнал својата зелена мисија пред седум години, Тревизо изградил нови велосипедски патеки, вовел програми за рециклирање во училиштата и засадил дополнителни 6.000 стебла.

Освен еколошката посветеност, градот има многу да им понуди на туристите. Самиот центар на градот е стар повеќе од 2.000 години, што му дава исклучителна историска привлечност. Поради каналите и водата многумина Тревизо со причина го нарекуваат мала Венеција.
Каде и да тргнете, ќе видите саксии со цвеќиња на балконите и украсени куќички, баш како во Венеција.
Неговиот шарм не лежи само во убавината и природата. Тревизо се смета за родно место на многу од италијанските слатки, а меѓу најпознатите е тирамисуто. Затоа не е тешко да го најдете овој популарен италијански рецепт на менијата во рестораните ширум градот.
Покрај тоа, Просекото таму е најпознатото пенливо вино кое секако дека лесно може да се најде на било кое место.

Освен уживањето во храната и пијалаците, Тревизо има и многу други работи кои може да ги доживеете таму.
Piazza dei Signori е најпознатиот плоштад во градот којшто дише во италијанскиот дух – ресторани, кафулиња и живописна атмосфера.
Ѕидините стари повеќе од 500 години кои го опкружуваат стариот дел од градот исто така се впечатлив историски момент.
Во градот се популарни и пешачките тури, а многумина изнајмуваат и велосипеди за да ги истражат скриените улички и канали.














