Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Berlin Global Dialogue 2025.
Оваа година, форумот се одржува под мотото „Shifting Power, Shaping Prosperity“, со фокус на тоа како новата мултиполарна реалност може да создаде стабилен и одржлив глобален развој.
Божиновска беше говорник на панелот „Shifts of Power: Strengthening Energy Resilience“, на кој истакна дека концептот на енергетска безбедност во новиот геополитички контекст се менува суштински — од класичен пристап кон енергенсите, кон отпорни и зелени системи со долгорочна стабилност.
„Енергетската безбедност повеќе не значи само количина и извор на енергија. Денес тоа е прашање на отпорност, диверзификација и транзиција кон почисти, поодржливи извори,“ рече Божиновска. „Геополитичките промени нѐ научија дека зависноста од еден снабдувач претставува сериозен ризик. Затоа нашата стратегија е јасна – поврзување со повеќе пазари, изградба на интерконектори и зајакнување на стабилноста, дури и во услови на глобална неизвесност.“
Во своето излагање, министерката се осврна на конкретните чекори што Македонија ги презема во насока на енергетска независност и одржливост:
„Го диверзифицираме снабдувањето со гас преку интерконекторот со Грција и подготвуваме инфраструктура за идниот транспорт на водород. Истовремено, ја зголемуваме домашната генерација од сонце и ветер, ја модернизираме преносната мрежа и инвестираме во складирање и дигитализација. Нашата визија е едноставна, но амбициозна – енергетски систем што е доволно флексибилен за да ги апсорбира глобалните шокови, доволно зелен за да обезбеди одржливост и доволно стабилен за да гарантира достапна енергија за сите.“
Осврнувајќи се на прашањето за рамнотежата меѓу безбедност, достапност и одржливост, Божиновска потенцираше дека трите цели не се исклучуваат меѓусебно, туку се меѓузависни.
„Не станува збор за избор меѓу безбедност, достапност или одржливост – туку за тоа како ги поврзуваме овие цели. Тоа бара стратегија, долгорочни инвестиции и пред сè соработка. Ниту една земја не може сама да ги реши глобалните енергетски предизвици, но заедно можеме да изградиме посилни и поотпорни системи.“
Министерката укажа и на значењето на новите технологии и вештачката интелигенција во енергетиката, кои, според неа, се потенцијал за подобра ефикасност, а не закана:
„Вештачката интелигенција може да ја зајакне отпорноста на системот, преку попрецизно предвидување на побарувачката, оптимизација на производството и подобра интеграција на обновливите извори. Ако се користи мудро, таа ќе ни овозможи да сме поефикасни и поподготвени за иднината.“











