Засега не е регистриран пораст на заболувања кои можат да бидат предизвикани од натрупаното ѓубре по улиците во Скопје, велат лекарите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој во реално време добива податоци за сите пријавени заболувања во земјава. Институтот денес препорача мерки за заштита на населението додека не се исчисти градот од ѓубре.
„Често миење раце, дезинфекција на раце после одлагање на отпад, носете и ракавици доколку е можно при одлагањето на отпадот. За одлагање на отпад се препорачува граѓаните да го прават тоа на места кои се обележани, контејнери, да не одлагаат надвор од тие места за да не се создаваат депонии кои дополнително ја контаминираат средината. Исто така да внимаваат со домашните миленици кога доѓаат во контакт со отпад. Вработените кои го собираат отпадот треба да имаат лична заштитна опрема и секако да бидат заштитени од оние блести кои можат да се спречат со вакцинација, односно редовно да бидат вакцинирани согласно нивната професија’, рече Драган Кочински, раководител на секторот епидемиологија во ИЈЗ.
За трајно надминување на состојбите тој препорача дека е неопходно да се почне со селекција на отпадот уште дома, процес кој на почеток би бил волонтерски и би предвидувал некаква награда за оние кои ќе селектираат, се додека не се воведе законски.

Кочински уверува дека и покрај исклучително големата нехигиена во Скопје изминативе неколку недели, засега не е забележан пораст на заболувања кои можат да бидат предизвикани од расфрланото ѓубре.
„Тука се цревните заразни заболувања, салмонелози, гастроентероколити кои што можат да се јават. Ние ја следиме состојбата и засега нема пораст на бројот на заболени од овие заболувања, а во однос на заболувањата кои ги пренесуваат глодачите кои што се карактеристични за нашата земја тука спаѓаат туларемија, хеморагична треска со бубрежен синдром, и лептоспирозата кои веќе сме ги регистрирале, а можно е да се појават сега со зголемениот број глодачи. Се додека постојат поволни услови за нивно размножување, а тоа е присуството на отпадот, се повеќе и повеќе се зголемува популацијата на глодачите, а тоа претставува ризик за населението односно ширење на болести“, рече Кочински од ИЈЗ.
Мирајана Димоска, раководителка на одделението за безбедност на вода и санитација на животна средина во ИЈЗ препорача дека е добро училиштата да постават дезинфекциони бариери на праговите и слики за правилно миење раце според возраста, а истата препорака за дезинфекциони бариери рече дека е добро да ја послушаат и сите граѓани за становите за да спречат внесување нечистотија во домовите.

Директорката на Институтот Марија Андоновска рече дека на сите општини како и на Град Скопје им е препорачано да направат вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.















