Синдикатот на контрола на летање: Наводите на М -НАВ дека Тасевски признал дека штрајкот е незаконски се невистинити

Макфакс

24/10/2025

16:25

156

Големина на фонт

а а а

Синдикатот на контрола на летање (ССКЛ) демантира дека во било кој исказ, изјава или писмена форма, од било кој член на ССКЛ, вклучувајќи го и претседателот на синдикатот, е изнесено признание дека штрајкот најавен од страна на ССКЛ за 20 октомври, кој, како што велат, беше забранет како наводно незаконит од страна на Основниот граѓански суд Скопје, е незаконит, ниту, пак, дека се свесни оти постапуваме надвор од закон.

„Наводите на М-НАВ АД Скопје дека претседателот на ССКЛ, Тасевски, признал дека штрајкот што го најавил е незаконски се целосно невистинити и имаат за цел да го дефокусираат јавниот дискурс од реалниот проблем кој постои уште од 2023 година, а кој сегашниот менаџмент нема капацитет да го надмине. Со овие дезинформации, М-НАВ АД Скопје свесно ја манипулира јавноста, со цел да се наруши угледот на претседателот Александар Тасевски и на ССКЛ – синдикат кој доследно и единствено се спротивставува на секој обид, внатрешен или надворешен, што има за цел да ја поткопа професионалноста на компанијата“, сенаведува во демантот.

Од Синдикатот наведуваа дека не е вистина дека ССКЛ нема право на штрајк. „За истиот овој штрајк, во 2024 година, целата јавност беше сведок дека претставници на тогашната Влада и на надлежните министерства јавно ја изразија својата поддршка за истите барања што важат и денес. Како може тогаш штрајкот да бил легитимен, а денес не? – Не е вистина дека не е завршена постапката во фазата на помирување. Не е вистина дека ССКЛ има политички цели или позадини“, се наведува во демантот.

Од Синдикатот најавија дека ќе продолжат да ја докажуваат вистината и пред медиумите и пред институциите.

„ССКЛ ќе ја обжали одлуката на Граѓанскиот суд за времената мерка за забрана на штрајкот, и ќе побара предметот да биде вратен на рочиште, за да ја изложиме нашата одбрана и аргументи пред надлежниот суд“, велат од Синдикатот на контрола на летање.