Германски портал: Косово можеби прво ќе прифати мигранти што Велика Британија ќе ги депортира

Точка

24/10/2025

16:38

551

Големина на фонт

а а а

Велика Британија се обидува да го префрли проблемот со мигрантите на Западен Балкан, а Косово би можело да стане првата земја во регионот што ќе прифати да биде домаќин на центар за сместување на мигранти додека чекаат депортација, пишува германскиот портал „Eurointelligence“.

Настојувањето одбиените баратели на азил да се испратат во странство покажува дека британската надворешна политика сè повеќе зависи од внатрешните притисоци за намалување на нерегуларната имиграција, наведува овој медиум.

Во исто време, тоа е дел од поширок европски тренд на „екстернализација на контролата на миграциите“, во рамки на кој побогатите земји нудат пари или безбедносни гаранции на други држави подготвени во нивно име да го запрат миграцискиот прилив, додава порталот.

Истакнувајќи дека таквиот пристап ги претвори миграциите во значаен дипломатски инструмент, „Eurointelligence“ потсетува дека британскиот премиер Кир Стармер оваа недела во Лондон ги угостил лидерите на западнобалканската шесторка во рамките на Берлинскиот процес — иницијатива започната во 2014 година за поддршка на патот на регионот кон членство во Европската унија.


Во пракса, меѓутоа, изгледало дека „прашањето за миграциите го засени најголемиот дел од разговорите, а Косово стана првата земја што најави подготвеност да биде домаќин на центар за враќање на мигранти — за лица чии барања за азил во Обединетото Кралство се одбиени, а правото на жалба исцрпено“, пишува „Eurointelligence“.

Порталот додава дека ваквиот предлог би ѝ овозможил на Британија одбиените баратели на азил да ги префрли во објекти надвор од својата територија додека траат подготовките за нивна депортација.

Сличен пристап веќе беше применет во договорот меѓу Италија и Албанија за мигрантите. Планот за обработка на барањата за азил во албански центри беше претставен како начин да се ублажи миграцискиот притисок, но се соочи со правни предизвици, високи трошоци и ограничени резултати.


„Очекуваната политичка добивка за Албанија беше јасна – зајакнување на шансите за членство во ЕУ со поддршка од Италија и зголемена економска соработка. Но, бидејќи Британија не е членка на ЕУ и не може да понуди слични поттикнувања, Косово има поинаква пресметка“, наведува порталот.

Одговорот, како што се објаснува, лежи пред сè во безбедносните гаранции. На почетокот на самитот, Велика Британија го продолжи своето учество во мировната мисија на НАТО на Косово до 2028 година и вети дополнителна поддршка во областа на одбраната и граничната безбедност, наведува „Eurointelligence“. Тие ветувања имаат особена тежина, имајќи предвид дека тензиите со Србија периодично се разгоруваат, а Русија отворено го поддржува Белград.


Сепак, додека ја спроведува сопствената верзија на надворешно процесирање на барањата за азил, Британија веројатно ќе се соочи со слични пречки како Италија — особено во однос на законитоста на обработката на барањата за азил надвор од својата територија и заштитата на правата на задржаните лица, додава порталот.

„Велика Британија, исто така, објави санкции против балкански криминални мрежи обвинети за трговија со луѓе и се обврза на заеднички полициски акции, вклучувајќи употреба на дронови и скенери долж регионалните рути. Сите овие мерки покажуваат како миграциската политика станува дел од пошироката безбедносна агенда на Европа — и како помалите држави, како Косово, ја користат ситуацијата за да ја зацврстат својата безбедност во овој нестабилен регион“, заклучува германскиот портал.