Независниот кандидат во Могила се откажа од изборната трка, ВМРО-ДПМНЕ доби уште еден градоначалник

Макфакс

24/10/2025

17:15

240

Големина на фонт

а а а

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Могила, Сашо Пивковски, објави дека се повлекува од изборната трка.

„Драги сограѓани, по внимателно размислување и бројни разговори со многумина од вас, одлучив да ја повлечам својата кандидатура од изборната трка. Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент – во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите. ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член секогаш сум се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане. Ќе продолжам да го поддржувам сето она што е во интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација“, објави Пивковски.

Понекогаш, додава тој, вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш и почитуваш.

„Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Убеден сум дека ова е најдоброто нешто што можев да го направам во овој момент. Ќе продолжам и понатаму да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба. Вашата поддршка, доверба и добри зборови ќе останат нешто што длабоко го ценам“, објави Пивковски.