Mециновиќ за отпадот во Скопје: Владата намерно го остави градот да дојде до колапс, за потоа да се прикажува како херој

Макфакс

24/10/2025

14:22

206

Големина на фонт

а а а

Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица зa градоначалник на Град Скопје во вториот круг на локалните избори, со предупредување за алармантната состојба со ѓубрето во градот, нарекувајќи ја ситуацијата „најапсурдна што Скопје некогаш ја имало“.

Тој го претстави планот на партијата за решавање на овој проблем, преку санација и реформа на јавното комунално претпријатие.

„Повторно се вжештува ситуацијата околу сметот. Никој не можеше да претпостави дека ќе дојдеме во состојба на вакво преплавување со отпад и целосен колапс на комуналните претпријатија и градските власти“, истакна Мециновиќ и додаде дека без оглед кој ќе победи на изборите новата администрација ќе мора веднаш да започне со санирање на состојбата.

„Јавноста треба да знае дека независно кој ќе добие поддршка, треба веднаш да се почне со чистење. Ги повикувам сите скопски градоначалници, и оние што веќе победија, и оние што одат во втор круг, да бидат спремни, независно од политичката припадност, да работиме заедно на решавање на оваа криза.“

Мециновиќ потенцираше дека во Скопје се гледа апсурдниот крах на локалната власт, која последните четири години, според него, била под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

„Четири години локалната власт беше во нивни раце, и на ниво на град, и во најголем дел од скопските општини. Не смееме повторно да си дозволиме луксуз да се играме со здравјето на скопјани и да поддржуваме партии кои од суета создаваат кризи“.

Тој ја обвини актуелната влада дека намерно дозволила градот да западне во хаос пред изборите, за потоа „да се претстави како спасител“.

„Ова повикување на кризна состојба токму пред избори покажа дека Владата намерно го остави градот да дојде до колапс, за потоа да се прикажува како херој. Но, граѓаните тоа го гледаат.“

Мециновиќ најави дека, доколку ја добие поддршката на скопјани, веднаш ќе отпочне со санација и реформа на ЈП „Комунална хигиена“, спротивставувајќи се на плановите за негово приватизирање.

„Премиерот Мицкоски јавно изјави дека има план за јавно-приватно партнерство во „Комунална хигиена“. Тоа е јасен сигнал дека нивната намера била да го колабираат претпријатието за потоа да го продадат. Ние тоа нема да го дозволиме.“

Наместо приватизација, Мециновиќ предлага окрупнување на капацитетите, модернизација на механизацијата и подобрување на условите за работа во јавните комунални претпријатија.

Тој презентираше иновативно решение за третман на отпадот, кое, според него, веќе се користи во неколку европски градови.

„Разгледуваме технологија за преработка на комунален отпад во горивни деривати. За Вардариште може да се изгради централа од 720 м² која би чинела шест милиони евра, а за Дрисла, модерна постројка од 60 милиони евра со затворен систем за преработка.“

Упати повик, до граѓаните на Скопје, да го претворат гневот и разочараноста во активна одлука на втори ноември: „Некој дозволи да дојдеме до ова дереџе, некој мисли дека ќе профитира од нашиот хаос. Но, тоа треба да го претвориме во одлука, одлука што ќе го врати градот во нормала и ќе го врати достоинството на Скопје“, заврши Мециновиќ.