[ВИДЕО] Како работела скопската лихварската банда – наплаќале огромни камати, одземале имот и живееле луксузно

Макфакс

23/10/2025

13:16

5.070

Големина на фонт

а а а

Полицијата спроведе координирана акција на повеќе локации низ Скопје и приведе 11 лица осомничени за лихварство и перење пари, а уште едно лице, Б.К. (35), е недостапно за органите на прогонот.

Според истрагата, групата делувала од почетокот на 2022 година, организирана со јасна структура и улоги меѓу членовите. Деветмина од осомничените се сомничат дека давале пари на заем со незаконски високи камати, кои се движеле од 5 до 15 проценти месечно, а за секое задоцнување каматата дополнително се зголемувала.

Тие, како што наведува истрагата, ја искористувале тешката финансиска состојба на граѓани, барајќи од оштетените не само да ги вратат парите со камата, туку и да го предадат или заложат имотот што го поседуваат. Кога не можеле да ја исплатат позајмицата, жртвите биле принудувани да ги пренесат своите станови или деловни простории на имиња на осомничените.

Наплатата се вршела директно во готовина или преку банкарски сметки, односно средствата се уплатувале од сметки на оштетените на сметки на лицата вклучени во шемата.

Парите што биле прибрани на овој начин подоцна биле „испрани“ преку банки, сефови и фиктивни трансакции. Дел од средствата биле користени за куповина на недвижен и движен имот, а друг дел за финансирање на луксузен начин на живот.

Истрагата на Обвинителството и МВР утврдила дека осомничените се стекнале со противправна корист во висина од 125 милиони денари – сума добиена преку незаконското лихварство.

Против сите е поднесена кривична пријава за „лихварство“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, а полициските тимови продолжуваат со активности за пронаоѓање на недостапниот Б.К. (35).