Зеленски: Путин знае дека едно оружје може да го промени текот на војната

Макфакс

23/10/2025

16:34

793

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски им се обрати на лидерите на состанокот на Европскиот совет утрово. Украинскиот претседател рече дека постои едно оружје кое, како што истакна, може да „го промени текот на војната“.

„Само погледнете колку стана нервозен Путин кога се појави оваа тема, тој разбира дека оружјето со долг дострел може да го промени текот на војната“, рече Зеленски. Зборувајќи за видовите на такво оружје, тој меѓу другите ги спомена ракетите Томахавк.

Американскиот претседател Доналд Трамп досега одби да испорача Томахавк на Украина, но затоа синоќа потврди строги санкции против руските нафтени гиганти Роснефт и Лукоил.

Зеленски им се заблагодари на собраните лидери, но рече дека одлуката за замрзнатите руски средства мора да се донесе што е можно поскоро. Доколку биде одобрена, рече Зеленски, тој ќе искористи значаен дел од тие пари за купување европско оружје.

„Мора да ги искористиме тие замрзнати средства на начин што ќе ѝ даде до знаење на Русија дека мора да плати за сопствената војна што ја води. Затоа, ве молам да донесете одлука што е можно поскоро – руските средства треба целосно да се искористат за одбрана од руската агресија“, рече тој.

Според дипломатски извори, лидерите на земјите-членки се согласиле дека Русија не е подготвена да се вклучи во значајни разговори за постигнување мир и завршување на војната и дека е потребно да се продолжи со притисокот за да се принуди Путин да седне на преговарачка маса.

Дискусијата за Украина ќе продолжи попладне, додека за време на работниот ручек ќе разговараат за зајакнување на европската одбрана.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан не учествуваше во дискусијата, кој остана во Будимпешта, каде што денес се одбележува годишнината од Унгарската револуција од 1956 година. Тој ќе пристигне во Брисел подоцна попладне.

Унгарија не сака да ги поддржи заклучоците од самитот за Украина, па затоа најверојатно ќе биде објавена изјавата на другите 26 земји-членки.