Гордaна Сиљановска-Давкова: Да го продолжиме револуционерниот пат со ум, знаење и реформи

Макфакс

23/10/2025

09:47

153

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

„Драги сограѓани,

Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност.

Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија.

Затоа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам.

Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.

Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.

Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа.

Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста.

Нека ни е вековит празникот“, се вели во честитката.